| четврток, 6 декември 2018 |

Курц: Балканот приоритет, да се прекинат преговорите со Турција!

Австрискиот канцелар Себастијан Курц побара веднаш да се „прекинат преговорите” за пристапување на Турција во ЕУ.

Австрија претседава со ЕУ од 1 јули, а Курц претходно изјави дека е за прием на Балканот и за подобри односи со Русија.

-Западен Балкан е клучен приоритет на надворешната и европската политика на Австрија, како и на нашето претседавање со ЕУ- изјави Курц во интервјуто објавено денеска на веб-страницата на атинскиот весник „Катимерини”.

Тој продолжи велејќи „ја поддржуваме линијата на комесарот за проширување Јоханес Хан”, бидејќи „обезбедувањето на чесни перспективи и веродостоен пат на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, им служи на нашите безбедносни, политички и економски интереси”.
Курц го поддржа договорот на Грција со Македонија за решавањето на спорот за името, бидејќи тоа, како вто вели тој, „покажува дека упорните преговори и дипломатија даваат резултати.”

Од друга страна, пак, канцеларот рече „со години сум многу јасен дека ние треба да имаме искрен однос со Турција. Преговорите на ЕУ-Турција треба веднаш да престанат”, бидејќи „Турција во последните неколку години постојано се оддалечува од Европа и нејзините вредности”.

-Треба да се фокусираме на истражување на други форми на соработка помеѓу ЕУ и Турција, како сосед- додаде Курц.
Канцеларот изјави дека високо меѓу приоритетите на австриското претседателствување со ЕУ е проблемот со имиграцијата и заштитата на границите, и предупреди дека Виена нема да прифати одлуки кои уште повеќе ќе ја оптоварат Австрија.

На крајот од интервјуто, Курц вети постепено нормализирање на односите на ЕУ со Москва, со процена дека „без Русија не може да има траен мир во Европа”.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top