Министерската за култура, Елизабета Канчевска-Милеска денеска се сретна со својата колешка од Полска Малгожата Омилановска.
-На почетокот сакам да истакнам дека Република Македонија и Република Полска имаат долгогодишна и традиционално добра соработка како на билатерален така и на мултилатерален план, а оваа за нас пријателска земја е и наш голем поддржувач во процесот на интеграцијата на Република Македонија во Европската унија. Во тој контекст на денешната средба го изразив моето задоволство од досегашната одлична соработка во сите дејности од областа на културата, која е потврдена со повеќе документи, а од денеска и со потпишувањето на новата Програма за сорaботка меѓу Министерствата за култура на нашите две држави за периодот од 2015-2018 година. Убедена сум дека Програмата ќе отвори многу нови можности за размена на уметници и за реализација на проекти меѓу институциите во сите сфери на културата – рече министерката Канческа-Милевска.
Во изминативе години голем број уметници од двете земји земаа учество на реномирани фестивали и манифестации во Македонија и во Полска.
Истакна дека поетите од Полска традиционално учествуваат на најзначајната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“, каде што полскиот поет Тадеуш Ружевич во 1987 година беше и добитник на Златниот венец на поезијата.
-Исто така ја информирав министерката дека значајни дела на полски автори се застапени во капиталниот проект на Министерството за култура од областа на издавачката дејност „Ѕвезди на светската книжевност“, а дела од македонски автори веќе се преведени на полски јазик во рамките на значајната стимулативна мерка на МИнистерството за култура-Конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни дела од македонската книжевност од страна на странските издавачки куќи – изјави министерката Канчевска-Милевска.
– Полски уметници, редовно се наши гости и на фестивалот „Охридско лето“. Во тој контекст ќе го споменам концертот реализиран во рамките на Полската вечер на реномираниот фестивал Охридско лето, кога заедно со оркестарот на Македонската филхармонија настапија повеќе реномирани полски уметници под диригентската палка на маестро Пендерецки – подвлече таа.
Особено беше истакната соработката со Полска во рамките на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, и тоа во двете нејзини потпрограми – „Култура“ и „Медиа“, а беше изразена и подготвеност за поддршка на партнерски проекти во областа на Креативните индустрии, помеѓу македонски и полски културни оператори.
-Ја информирав министерката дека нашето Министерство за култура достави предлог проекти за учество на манифестацијата „Вроцлав, европска престолнина на културата 2016 година“. Еден од проектите е и театарска копродукција меѓу Македонскиот народен театар и театарот „Хелена Моджевска“ од Легнице на тема – егзодусот на македонските деца во Легнице во периодот од 1946-1949 година. Во рамките на посетата на нашата земја денеска заедно со министерката Омилановска ќе ја разгледаме новата музејска поставка во Музејот на Македонија посветена на „Македонците бегалци од Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција 1940-1949“ каде министерката од Полска ќе има можност да се запознае со историските премрежја низ кои поминувал македонскиот народ, а ќе прошетаме и низ Старата скопска чаршија – заврши Канческа-Милевска.
Министерката од Полска на Елиза Шулевска, директор на Музејот на современата уметност од Скопје денеска ќе и врачи одликување-заслужен за полската култура. Претходно и директорка на Македонската филхармонија Маја Чаначевиќ, беше наградена со бронзен медал за исклучителен придонес кон наследството на полскиот композитор Фредерик Шопен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.