| четврток, 6 декември 2018 |

Водата за пиење во тетовско Џепчиште е исправна

вода

Во населеното место Џепчиште, едно од подрачјата во тетовскиот регион кои беа зафатени со поплавите, по извршеното чистење и дезинфекција на резервоарот, добиени се резултати дека водата одговара на прописите за безбедност на вода, односно е исправна за пиење, со задолжително продолжување на континуираните мерки за одржување на ова ниво на безбедност и воведување континуирана дезинфекција и хлорирање.

Ова денеска го соопшти Министерството за здравство кое потсетува на препораките за заштита на здравјето на населението кои се однесуваат на користење пакувана, превриена или дезинфицирана вода за пиење, за миење на забите, миење и подготовка на сирова храна, како и за миење на садовите, водата да се преврива така што садот со вода се става на шпорет да зоврие (10 минути), потоа се отстранува и се остава да се олади, а притоа во водата не треба да се става мраз, миење на рацете со сапун после чистење, пред подготовка на храната, пред јадење, после доаѓање во допир со детски измет и после одење во тоалет.

Се препорачува да не се користи храна која била во допир со вода од поплавите, да не се јаде храна која била во фрижидер или замрзнувач, ако струјата е исклучена, сварена храна и намирници кои можат да се расипат, задолжително да се чуваат во фрижидер (пожелно е да се чуваат на температури под 5 степени Целзиусови), секоја храна да биде добро термички обработена (приготвена на температура повисока од 70 степени Целзиусови), а зготвената храна да не се остава подолго од 2 часа на собна температура.

Во случај на појава на послаби симптоми на гадење, повраќање, дијареа, односно симптоми слични на грип, висока температура, главоболки, кашлица или вртоглавица, како и при каснување од некое животно, и сл., лицата треба веднаш да се обратат кај матичен лекар или во дежурна служба, соопшти Министерството за здравство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top