| четврток, 6 декември 2018 |

Фич го потврди кредитниот рејтинг ББ+ за Македонија десета година по ред

fitchКредитната агенција Фич го потврди ББ+ кредитниот рејтинг на Република Македонија. Ова е десетта година по ред како кредитната агенција ја потврдува оценката ББ+ за Македонија.

Како база за својата оценка Фич ги зема растот на бруто домашниот производ и општествениот развој на земјава за кои вели дека  се „над ББ просекот“. Фич ја оценува бизнис климата во Македонија како исклучително поволна и наведува дека земјава е помеѓу најдобрите 30 економии во светот за водење бизнис според ранг листата на Дуинг Бизнис.

Фич во својот извештај го нотира и намалувањето на невработеноста за 10 отсто, односно од 37 отсто во 2005 година на сегашните 27 отсто.

Банкарскиот сектор во Македонија кредитната агенција го опишува како добро капитализиран и високо ликвиден, вклучително и двете банки кои се во грчка сопственост.

Како ризик Фич ја посочуваат домашната политичка ситуација, за која очекуваат да се надмине со спроведување на договорот потпишан под покровителство на комесарот Хан.

Според прогнозите на Фич Македонија и во иднина ќе продолжи да води стабилна фискална и монетарна политика, а трговските партнери на Македонија во ЕУ ќе продолжат со закрепнување што ќе влијае поволно на надворешно трговската размена.

Македонија е инаку една од ретките земји во регионот и пошироко која успеа да го задржи истиот кредитен рејтинг толку долг период. Минатата и оваа година им беше намален рејтингот на Хрватска, Србија, Турција, Бугарија, Словенија, Русија и други земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top