Оваа турбулентна година македонското Министерство за внатрешни работи (ќе) смени тројца министри. Навидум чистото политичко решение, на терен прави сериозни промени во структурата на донесување одлуки. Ако на тоа се додадат актуелностите со кои се соочува државата- разбивањето терористичка група во Куманово, со жртви полицајци, разбивањето радикална исламистичка терористичка ќелија поврзана со Исламска држава, а потоа и закани за одмазда од најголемата меѓународна закана во моментов – воопшто не е наивно што СДСМ, кој со сите сили се бореше да го добие ресорот полиција во последните преговори за политичко враќање во нормала, воопшто нема никаква гласна реакција за полициската акцијата во која беше разбиена мрежа на пропагатори и на луѓе што врбувале доброволци за редовите на ИСИС и на Ал Каеда.
Зоран Заев, лицето на партијата, најави дека ќе се врати во парламентот на први септември. Неговите соработници успеваат да одржат пресови за ситнопартиски интереси, но нема ниту збор за „Ќелија“. Молкот од СДСМ треба да остави впечаток на второстепена важност, сега кога, нели, се подготвуваат за големото враќање во парламентот и за завршување на договореното. Но таа покривка е проѕирна и покажува многу посуштествени работи од тоа за што се троши просторот, на пример „какви образовни реформи посакува СДСМ“.
Не толку одамна акцијата во кумановското Диво Насеље, акција во која осуммина припадници на полицијата го загубија животот, беше искористена од социјалдемократите, поточно од нивниот шеф, за негов личен маркетинг. Но, место да покаже сериозност при обиколката во која, наводно, би требало да се запознае со фактите на терен, а потоа барем да замине во посета на повредените припадници на безбедносните сили, тој се фотографираше насмеан до „осумка“ во прегратки со локалното население, воопшто не внимавајќи дека меѓу нив се и јатаците на искоренетата група. Згора на тоа, Заев се фотографира и со високо кренати два прста во воздух – меѓународниот симбол викторија (победа), а на Балканот познат како симбол на муслиманската борба за територија. Повредените полицајци беа занемарени во целост и од СДСМ и лично од Заев. Осудата во јавноста на која наиде Заев по авантурата во Диво Насеље му се врати веќе следниот ден, на митингот на опозицијата – пардон, на Сорос – кога му се истопорија поддржувачи со симболите на Голема Албанија.
Тоа што е интересно е дека и тогаш, како и сега, главните гласни критичари на полициските акции против терористичките закани доаѓаат од личности што долго време гравитираат во и околу СДСМ. Истите критичари, кои на акцијата на кумановската улица Тоде Мендол гледаа местење, договорена претстава, дефокусирање на јавноста од проблемите, заплашување со евентуален меѓуетнички инцидент, сега го користат истиот вокабулар при искажување на ставот за акцијата „Ќелија“. Не смее да се заборави дека тие се дежурни „познавачи на состојбите“ за медиумите блиски на опозицијата, секако и на балканската „Ал Џазира“, која мака мачи да претстави меѓуетничка тензија во државава. Во своите беседи истите тие го почитуваат речникот на опозицијата за „режим, диктатура, судство што не треба да се почитува“, отворено застанувајќи зад СДСМ и Заев.
Можеби токму молкот на СДСМ во пресрет на враќањето во Собранието се должи на блиските релации со овие критичари на акциите. Можеби СДСМ и Заев сега го „враќаат долгот“ за континуираната поддршка што Рамадан Рамадани, Суад Мисини, Мерсел Биљали и Мухамед Зекири срдечно се обидуваа да им ја изградат кај албанската популација? Можеби СДСМ се плаши да оддаде какво било признание, пофалба или, пак, само да ја поздрави акцијата за искоренување на овој регрутен центар на ИСИС, макар поставувајќи и дополнителни прашања за интензивирање на ваквите истраги во насока на вистината во чувањето на безбедноста на граѓаните, а притоа партијата повторно да не наиде на лавина напади од јавноста, но овој пат од своите поддржувачи-гуруа, на пример, од Бранко Тричковски?
При ваква сериозна акција несериозно е опозицијата да молчи, а да објавува прес-конференции на дневна основа. Доколку и е „сезона на одмори“ во СДСМ е неверојатно целиот партиски врв да замине на колективен одмор, сосе потпретседателката задолжената за полицијата, Фросина Ременска, па да се премолчи случај со кој цела недела се отвораат централните информативни емисии. Доколку таа се смета за неискусна, тука е вечно „проникливиот“ вљубеник во „меѓународната“ – Љубомир Д. Фрчкоски, кој може, на пример, при оцена за дефокусирање да направи споредба со своето министерување и тепањето во Гостивар токму на денот на најголемата девалвација на денарот. Но, така ќе треба да се спротивстави на американската амбасада и на нејзините пофалби за „Ќелија“.
Несериозноста на актуелната опозиција не е нешто на што Македонија не е отрпната, но во овој случај се отвораат дополнителни, но многу тешки прашања за идното функционирање на МВР. Имено, наскоро ова министерство ќе го раководи токму СДСМ. Сестраниот договор за излез од политичката криза, познат како Договорот од Пржино, „запржи“ на чело на полицијата да биде кадар на СДСМ, а заменик да биде член на ВМРО. Но, во запршката не стои дека сите нелегални, терористички, бандитски, криминални активности ќе почекаат да завршат априлските избори за да може Ременски или кој било по договорен меѓупартиски избор да се посвети само и само на регулација на изборниот процес.
Ал Каеда, ИСИС, џихадистите, веќе најавија одмазда. Нивното дејствување нема да може да се премижи за да може да им се удоволи на тие што се фотографираа со Заев во Диво Насеље. Ниту, пак, тогаш ќе може медиумските остени зад „Плусинфо“, „Либертас“, „Доказ“ и другите за полициската неажурност да ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ. Но, по никоја цена не е прифатливо безбедноста на државата и на граѓаните да зависи од тоа дали СДСМ се плаши или им должи неколкумина дежурни распослани по широкото милје медиуми платени од Сорос.
Техничкиот министер, каков што е опишан во договорот, не може да се смета дека ќе служи за да ги раководи тие што ги тепаа полицајците во протестите пред владиното седиште во насилните протести на СДСМ, или, пак, за да ги координира да исполнуваат различни црни сценарија што се заговараат за партијата повторно да има изговор за пораз.
Следниот преддоговорен прифатлив министер, колку и да му се врзани рацете со партиските задачи, ќе мора да одговори на предизвиците што се наметнуваат сега бидејќи влогот е безбедноста на сите граѓани, без разлика на нивната партиска, национална или религиска припадност. Исто како што полициската униформа ги покрива тие разлики, така и министерската позиција мора да ги покрива истите однапред нарачани дејствувања.
Рака на срце, кој и да седне по избор на СДСМ на тоа место воопшто нема да има лесна задача. Да се соочи со партискиот притисок, да се соочи со заменикот министер, кој ќе има право на вето, да успее пред своите подредени да се наметне засенувајќи го ликот на насмеаниот Заев од Куманово, да се соочи со полициските службеници што беа тепани од СДСМ кога партиските насилници испратија на лекување повеќе полицајци отколку терористите во Куманово.
Последна во оваа низа, но најважна по значење, ќе биде соочувањето со безбедносните предизвици што се најавени, притоа здобивајќи доверба и кај вработените и кај јавноста, дека во ниеден случај партиската агенда не е пред безбедноста на ниеден граѓанин. Заканата од ИСИС, односно Ал Каеда, никако не смее да се гледа како изолирана, лажна или како дневнополитички поен. Доколку нема капацитет во СДСМ што би дал реална оцена на случувањата, можеше да се потпре барем на соопштението од Американската амбасада, та и така ставот на „меѓународната“ им е водилка.
„Техничкиот“ министер од СДСМ под таков товар ќе ја има историската шанса да биде прв министер на полиција од актуелната опозиција што би поминал „чист“. Тоа, пак, што сега молчи за „Ќелија“, (а за неверување е дека во партијата сѐ уште немаат поим кој каде ќе седне наскоро) ги намалува изгледите за таков драстичен пресврт. Се чини дека од 20 октомври, во МВР ќе продолжи низата афери што ги следат министрите за внатрешни од СДСМ; та било тоа да се крајно криминални набавки со милионски суми, исчезнување на килограми дрога од депото, убиства на полициски службеници, владеење на оружјето, изборни тепачки и убиства, до забошотени истраги при атентат врз претседател на државата.
До преземањето на МВР, СДСМ има малку повеќе од два месеца. Ако сега и може да си дозволи да молчи, тогаш СДСМ ќе биде должен да го каже својот став за „Ќелија“ и сѐ што (ќе) се случува поврзано со акцијата, заканите од џихадистите, балканските кучиња на војната. До тогаш, молкот од СДСМ е одобрување на ставот на Рамадани, Мисини, Биљали и со право ќе се сметаат за став на партијата.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 154. број на неделникот „Република“, 14.08.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.