Само во последните два месеца од Грција во Македонија влегле околу 44.000 eмигранти, повеќето од Сирија, Авганистан, Ирак и Пакистан. Голем дел од нив организирано се транспортираат до македонската граница од страна на грчките власти, објавува „Би-Би-Си“.
Последен таков пример е вчерашната одлука на Владата во Атина со брод да пренесе 2.500 eмигранти во Солун од каде потоа би продолжиле до Македонија на пат кон некоја од западноевропските земји. Од солунското пристаниште бегалците организирано се пренесуваат со автобуси до граничниот премин „Евзони“.
Поради напливот на eмигранти од Грција македонските власти вчера прогласија кризна состојба на јужната и на северната граница. Според информациите од терен, на македонско-грчката граница и во Гевгелија продолжуваат да пристигнуваат нови eмигранти. Дел од нив се упатуваат кон железничката станица во Гевгелија, а на полициските службеници им покажуваат потврди издадени во Грција и признаваат дека биле организирано транспортирани со автобуси до македонската граница.
Властите во Грција тврдат дека од јануари годинава најмалку 160.000 бегалци влегле во земјата, од кои 50.000 само во последниот месец.
Официјалните бројки на пограничната агенција на ЕУ, Фронтекс, покажуваат дека во јули во земјите од ЕУ влегле 107.500 мигранти. Нивни најпосакувани одредници се Австрија, Германија, Велика Британија и Шведска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.