| четврток, 6 декември 2018 |

„Ова не е срам за Македонија, ова е срам за меѓународната заедница“

nenad mircevski2

Ненад Мирчевски

 

voved155-1

Македонија 1999 година

Забелешката на еврокоме­сарот за миграции на Европската унија, Димитрис Аврамопулос, до земјите од Балканот (читај Македонија и Србија), дека не преземале мерки за затворање на балканскиот пат на имиграцијата, е врв на лицемерната и понижувачка политика на Брисел и Атина кон Македонија. Небулозните тврдења дека државава не помагала во спречувањето на кризата претставуваат само силен показател дека Брисел кукавички се обидува да ја покрие сопствената немоќ да се соочи со проблемот, притоа очигледно очекувајќи Македонија да се претвори во огромен бегалски камп, во кој ќе ги смести сите непосакувани гости од Блискиот Исток.

На кампањата во која сиромаш­ниот Балкан треба да се прет­стави како негостопримливо тло за измачените Сиријци, а Балканците да се претстават како луѓе кои заборавиле што значи хуманост и како е да си бегалец, активно се вклучија германските весници и телевизии со серија манипулативни прилози. Во своите „професионални“ текстови паушално се обвинуваат македонските медиуми и македонските политичари дека го игнорирале бегалскиот хаос. Во исто време, неосновано се критикуваат македонските полицајци дека со часови ги држеле емигрантите под силно сонце, дека не им давале вода, дека не можеле да ги контролираат, а дека возовите биле стари и валкани. Дури и констатираат дека некој мора да стави крај на хаосот. Во прилозите нема препорака до македонските полицајци да ги третираат емигрантите по европски терк, со пендреци, како германските, француските и бугарските полицајци. Нема ниту објаснување дека возовите, не само што се стари и валкани, туку и веројатно се оштетени од секојдневниот превоз на илјадници емигранти. Се разбира, штетата повторно ја плаќа државата, односно македонскиот народ.

Да, точно е дека некој мора да стави крај на хаосот, но за тоа прстот треба да се посочи кон Брисел, Берлин и кон Лондон, каде што всушност и се упатиле овие луѓе, а не кон Македонија, која од неразбирливи причини е избрана за нивна попатна станица. Велам, неразбирливи причини затоа што нејасно е зошто бегалците кои стигнуваат во Грција а со тоа и стапнуваат на територија на ЕУ, не патуваат до Западна Европа преку Бугарија и Романија, (кои се, исто така, членки на Унијата), туку решаваат да излезат од нејзиното тло за да потоа повторно ризикуваат илегално да влезат?!

voved155-2

Македонија 2015 година

Во бројните текстови и прилози на германските медиуми во кои разбирливо се брани политиката на нивната држава и политиката на ЕУ, исто така не слушавме како малата и сиромашна Македонија треба да сопре бегалско цунами кое всушност доаѓа од земја-членка на ЕУ? Ако Брисел знае како, има волја и минимум човечност да се соочи со оваа хуманитарна катастрофа, зошто тогаш проблемот не го пресретне уште на својата територија, на островите и на брегот на Грција? Зошто Унијата, чија основа на постоење се заснова на почитувањето на човековите права и слободи, на подмолен начин ја крши конвенцијата за згрижување на бегалците, а во исто време одобрува организиран транспорт на овие напатени луѓе, меѓу кои и опасни терористи, до границата со Македонија?

За сите тие лажни обвинувања и клевети пишуваат само дел од македонските медиуми. Платениците на Сорос не само што молчат, туку и не помислуваат да пишат ни збор критика ниту за непрофесионалниот однос на германските медиуми, ниту за клеветите на еврокомесарот за миграции, ниту пак за кој било европски политичар кој неосновано ја напаѓа Македонија по ова прашање. Уште помалку пораки од нивна страна ќе чуеме до меѓународната заедница и до овдешните странски амбасадори во кои отворено ќе ги повикаат на брза реакција за спречување на хуманитарна катастрофа.

Неоправдан е рамнодушниот однос на амбасадорите, кои за време на настаните во Куманово во пижами истрчаа од резиденциите да ѝ соопштат на јавноста колку полицајци загинале во Диво насеље и да предупредат на можна хуманитарна катастрофа во градот. Сега, истите тие дипломати никаде ги нема да пратат абер до земјите од каде што доаѓаат дека Македонија, земја-партнер на Западот, се наоѓа пред голем ризик, како хуманитарен, така и безбедносен.

Ова прашање го третираат само дел од македонските медиумите и тоа со недели наназад. Едноставно, не може да се очекува Соросовите перјаници да напишат каков било текст со критики кон западни дипломати во кои би се заштитила државата, од проста причина што истите тие новинари и медиуми немаат ниту храброст ниту желба да ги нарушат односите со своите финансиери во интерес на македонските граѓани.

На сличен начин беше третирана земјава и за време на косовската криза во 1999 година, кога Европа кукавички ја остави сама да се соочува со 300.000 бегалци. И тогаш како и сега, наместо помош, кон Македонија беа фрлани отровни стрели со сериозни критики за третманот на бегалците. Но, од тој период во вечно сеќавање ќе останат и зборовите на тогашниот заменик-министер за надворешни работи, сега покојниот претседател на државата, Борис Трајковски, кој помалку дрско но и многу храбро ѝ порача на меѓународната заедница дека треба да се срами од односот кон малата Македонија и воедно ѝ даде конкретен предлог како да го реши проблемот.

Доколку меѓународната заедница во најбрз рок не го сфати сериозно предизвикот со кој се соочува Македонија и не испрати итна помош, македонските власти не треба да се двоумат да ја испратат истата порака на Трајковски од 1999 година, сѐ со цел да се заштити државата и македонскиот народ.

„Слушам дека на Си-Ен-Ен кружи, според мене, една срамна констатација, дека ова е срам за Македонија. Ова е срам за меѓународната заедница. Никој од вас не прашува кои се проблемите на оваа влада и на оваа држава. Многу убаво ги следите настаните оддалеку. Јас ќе ви предложам нешто конкретно. Пратете сто авиони на скопскиот аеродром и пренесете ги во Стокхолм.“

Борис Трајковски 1999 година

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top