| четврток, 6 декември 2018 |

Поранешниот телохранител на Зоран Ѓинѓиќ заробен од исламисти

ѓин

Поранешниот телохранител на убиениот српски премиер, Зоран Ѓинѓиќ, Срѓан Бабиќ, веќе пет месеци е заробен во Либија од страна на исламистичката милиција Ел Мајд, под нејасни околности, пишува српски „Телеграф“.

За него не е баран никаков откуп. Ниту е обвинет за какво било кривично дело, а и понатаму е во заробеништво.
Кога Бабиќ бил приведен му било речено дека тоа е поради негова безбедност, а од тогаш пет месеци е заробен, а дури завчера му е овозможен контакт со семејството.
Бабиќ на јавноста ѝ е познат како човек, кој на една снимка по атентатот на Ѓинѓиќ запира автомобили за смртно настраданиот премиер да биде превезен во Ургентниот центар.
По убиството, работел во Министерството за внатрешни работи на Србија и во жандармеријата, од каде што е отпуштен.
Во Либија работел како лидер на тим во француската компанија АСП, која се занимава со обезбедување и логистика на дипломатски мисии, меѓународни организации, како и на нафтени компании, а работел и во управувачкиот тим што ја обезбедувал италијанската нафтена компанија ЕНИ во Либија.
Неговата сопруга Весна и синот Страхиња пет месеци живеат во страв, а како изјавуваат за „Политика“, помислувале и дека е убиен.
-Тој е во многу тешка состојба. Вели дека ослабел 20 килограми и дека пет месеци не видел сонце. Го држат во соба без светлина и без воздух. Прво ме праша зошто е заробен. Не знаев што да му кажам затоа што ни јас не знам – вели Весна Бабиќ, која додава дека за помош му се обратила и на премиерот Александар Вучиќ и дека очекува ефикасна реакција на државата за нејзиот сопруг да се најде на слобода.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top