| четврток, 6 декември 2018 |

„Силви бенд“ и Есма ќе добијат 13.500 евра, меѓу истакнатите изведувачи и анонимуси

Со две прифатени композиции во категоријата ѕвезди од забавната музика, односно една во категоријата ѕвезди во народната музика, дуото „Силви бенд“ и Есма Реџепова се изведувачите кои ќе добијат музички субвенции од државата во вториот државен квартален конкурс. Силви и Влатко Плевнеш ќе добијат 9.000 евра за две композиии и видеоспотови за истите, додека Реџепова заработи 4.500 евра. Кралицата на ромската музика веќе неколкупати беше одбрана на конкурсот на Владата со Законот за поддршка на домашна музичка продукција.

Меѓу прифатените композиции се најдоа и Елвир Мекиќ, како композитор и изведувач во две категории, Влатко Илиевски, кој по „Русинка“ ќе пее „Македонка“, како и Ѓоко Танески, Марјан Стојаноски, Бојан Стојков.

Во категоријата „истакнат изведувач“ во забавната музика, каде се добиваат 3.000 евра субвенции (1.500 за композиција и уште толку за видеоспот), добитници на овој конкурс се Стевче Ќировски, Дејан Ќурчиев, Сања Христова и Вулнет Ибраими.

Целата листа погледнете ја тука.

Меѓу одбиените во категоријата ѕвезди на овој конкурс во народната музика се Момо Николовски и Миле Кузмановски, кој на претходните конкурси беше во листата на прифатените, како и Марко Маринковиќ – Слаткаристика и Кристијан Габровски, кому пак, сепак, му беа прифатени дел од понудените композиции.

Меѓу одбиените се и Сара Мејс, Елена Петреска, Милица Кузмановска, Биба Додева, Ирена Спасовска и други.

Листата на одбиени погледнете ја тука.

Законот за поддршка на домашна музичка продукција е со цел потикнување на развојот на домашната забавна и народна музика. ЈРП Македонска Радиотелевизија Скопје, со средства од Буџетот на Република Македонија, по пат на конкурс, секоја година ќе финансира создавање на 200 нови композиции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top