Романија годинава се судира со најсериозната суша во последните 50 години, пишува денеска весникот „Гандул“ и дополнува дека жешките денови ова лето се причина за намалување на водата во почвата и реките, што,пак, ќе доведе до покачување на цената на струјата, како и до покачување на цената на овошјето и зеленчукот.
Експертите велат дека пченката годинава е со слаб квалитет поради високите температури на воздухот. Ситуацијата со сончогледот, исто така, не е подобра, а лоша е и реколтата на грозјето.
Елена Матееску, директор на Националната управа за метеорологија, забележува дека јули бил најтоплиот месец во последните 136 години. Истовремено, јули бил и најсувиот месец од 1961 година. Матееску посочи дека неделава во цела земја ќе наврнат дождови, но тие нема да се доволни за надминување на сушата. Таа, исто така, предупреди дека се можно да падне и град.
Од службата за управување со водите посочуваат дека водостојот на Дунав е за 50 проценти понизок во однос на минатата година, а иста е ситуацијата и со помалите реки. Ова значи дека хидроцентралите немаат капацитет да произведат доволно енергија, а недоволното количество се надоместува со произведствона струја од термоцентралите. Оваа состојба најмногу ќе се рефлектира врз сметките за струја што ќе ги платат како населението, така и фирмите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.