| четврток, 6 декември 2018 |

Владиниот проект со руралните аптеки е исклучително успешен

аптека

Вкупно 66 рурални аптеки се отворени во 38 општини и со нив се опслужуваат 130.000 жители.

Како што рече денеска премиерот Никола Груевски, одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето на локалниот пат во Ратае, руралните аптеки се покажаа како исклучително успешен проект на оваа Влада.

– Во насока на излегување во пресрет на барањата на жителите од руралните средини, континуирано го реализираме проектот за отворање рурални аптеки, кој е од голема важност за жителите зашто, наместо да патуваат километри за да ги набават потребните лекови, сега имаат можност тоа да го сторат во своето село или општина – истакна Груевски.

Според него, Министерството за здравство одигра одлична улога на терен, помагајќи им на луѓето кои сакаат да отворат рурални аптеки.

Тој напомена дека покрај руралните, отворени се и уште шест т.н. подвижни аптеки. Станува збор за поголеми возила или камиони кои трипати во месецот ги обиколуваат помалите села и ги снабдуваат со потребните лекови.

Пет од руралните аптеки и четири од подвижните се наоѓаат во полошкиот регион поради бројноста на населението. Рурални аптеки има во Чајле, Здуње, Нераште, Сенокос и Палатица, а четирите подвижни аптеки покриваат 160 населени места.

– Проектот со подвижните аптеки е исто така многу успешен, но најмногу радува фактот што населението вели дека е задоволно и дека не трипати во месецот, туку секои три до четири дена возилата поминуваат во селата и ги снабдуваат луѓето со лекови – истакна Груевски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top