| четврток, 6 декември 2018 |

Китаровиќ ги откажа активностите, а Милановиќ најави обраќање по веста за убиството на киднапираниот Хрват

Хрватскиот државјанин киднапиран пред три недели во Египет, Томислав Салопек, е погубен, јавија западните медиуми, а хрватското Министерство за надворешни и европски работи тврди дека засега тоа не е потврдено.

salopek-S1_892146S1

 

Според хрватските медиуми, премиерот Зоран Милановиќ денеска попладне ќе одржи вонредна конференција за новинари, а претседателката Колинда Грабар – Китаровиќ, како што јавува „Јутарњи лист“, веќе ги откажала сите закажни обврски за денеска.

Порталот „Индекс“ пишува дека на интернет се појавила снимка од погубувањето на Салопек, со апел до сите хрватски медиуми да не го објавуваат. Порталот повикува и читателите да не споделуваат фотографии по социјалните мрежи, не само во знак на почит кон Салопек и неговото семејство, туку и затоа што објавувањето на овие фотографии е целта на исламските терористи.

Информацијата за погубувањето на Салопек беше објавена на „Твитер налози“, што ги користат припадници на Исламска држава. На „Твитер“ се појавија и слики на кои, наводно, се гледа телото на обезглавениот Хрват.

Хрватскиот државјанин е киднапиран на 22 јули на територијата на Каиро, додека со службено возило патувал на работа. Салопек работел за француската група ЦГГ.

Исламски милитанти на 5 август објавија снимка на која Салопек во пустина со маскиран маж со нож во рака, чита од лист хартија дека киднаперите ќе го убијат во рок од 48 часа, доколку египетската влада не ги ослободи уапсените муслимани.

Киднаперите потоа не објавија никакви информации, а египетските сили за безбедност почнаа голема потрага по Салопек.

Доколку се потврди информацијата дека припадници на ИД брутално го убиле Томислав Салопек, тоа ќе биде нивно деветто обезглавување на странски државјани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top