Почна реконструкцијата на коловозот на улицата „Кемал Сејфула“ во Чаир, на потегот од крстосницата со улицата „Ферид Бајрам“ и „Втора македонска бригада“ до крстосницата со улицата „Босна и Херцеговина“.
Почетокот на градежните работи денеска го означија градоначалниците на Град Скопје и на Бутел Коце Трајановски и Петре Латиновски.
– Станува збор за реконструкција на коловозот на дел од улицата „Кемал Сејфула“ со вкупна должина од 375 метри. Оваа реконструкција претставува продолжување на проектот што Град Скопје го реализираше во 2010 година, кога беше реконструирана улицата „Кемал Сејфула“ на потегот од крстосницата со булеварот „Џон Кенеди“ до крстосницата со улиците „Втора македонска бригада“ и „Ферид Бајрам“ – рече Трајановски.
На оваа улица, како што појасни, ќе се отстрани постојниот оштетен асфалт, ќе се нивелираат 22 шахти и сливници, ќе се заменат оштетените рабници.
– Реконструкцијата на оваа делница треба да заврши за еден месец, но ќе се направат напори да биде готова пред почетокот на училишната година – рече градоначалникот Трајановски.
Градоначалникот Латиновски информира дека се работи за важен проект бидејќи на овој дел од улицата „Кемал Сејфула“ се лоцирани основното училиште „Петар Здравковски-Пенко” и СУГС “Арсениј Јовков”.
– Реконструкцијата на оваа улица во голема мера ќе придонесе да се зголеми безбедноста во одвивањето на сообраќајот во овој дел од градот – рече Латиновски.
Градежните работи за реконструкција на оваа делница од улицата „Кемал Сејфула“ ќе ги изведуваат екипите на градежната компанија „ЈУ БАЈ“. Град Скопје за овој зафат ќе потроши околу 4,5 милиони денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.