| четврток, 6 декември 2018 |

Откриени три случаи на карцином на дојка од направени 2.731 преглед

преглед

Извршени се 2.731 прегледи низ целата држава, во 17 јавни здравствени установи, во рамки на бесплатното мамографско скенирање за рано откривање карцином на дојка, што Министерството за здравство почна да го спроведува од 7 април.

– Од извршените прегледи, вкупно 2.243 се со уреден наод (без присутни знаци на карцином). Вкупно 488 жени се упатени на натамошни испитувања врз основа на потреба за додефинирање на детектираната промена- информира денеска Министерството за здравство.

Упатувањето на натамошни испитувања, како што се наведува, се прави врз основа на упатствата од медицина базирана на докази. Во зависност од наодот, 460 жени се испратени на ултразвучен преглед, кај 9 жени се направени дополнителни мамографски проекции, кај 12 жени е извршена тенкоиглена (аспирациона) биопсија, додека кор биопсија е извршена кај пет жени.

– Досега, со извршените испитувања се откриени три случаи на карцином на дојка и пациентките се упатени на хирургија, а во моментов сè уште се испитуваат уште неколку- стои во соопштението од Министерството за здравство.

Во државите во Европската унија просекот е 1,5 – два откриени случаи на 1.000 прегледи и нашата држава е во рамки на европскиот просек.

Установи што направиле најмногу скрининзи се ЈЗУ УК за Радиологија (446), ЈЗУ Клиничка болница „Д-Р Трифун Пановски“–Битола (359), ЈЗУ Општа болница – Струмица (255) и ЈЗУ Општа болница Велес (215).

Сите дополнителни испитувања што се потребни ги закажува матичниот лекар во системот „Мој термин“. Матичните лекари имаат пристап до извештаите (резултатите) од извршениот мамографски скрининг и врз основа на тоа вршат упатување на жената до конкретната специјалност каде треба да се извршат дополнителни испитувања.

Министерството за здравство изминатиот месец спроведе анонимно истражување за информираноста на жените за мамографското скенирање за рано откривање карцином на дојка и навремена заштита на здравјето.

– Резултатите од истражувањето покажаа дека околу 65 отсто од жените на возраст од 50 до 59 години се запознаени со бесплатното скенирање за рано откривање карцином на дојката, што покажува дека континуираното информирање за можностите за превентивни прегледи дава позитивни резултати. 56,3 отсто од жените кои се информирани за овој скрининг на Министерството за здравство, се информирале преку медиуми (печатени и електронски)- се вели во соопштението.

Испитаниците на анкетата на возраст од 50 до 59 години, или вкупно 55,4 отсто одговориле дека имаат направено мамографија. Значајно е што од испитаните жени што направиле мамографија, вкупно 91,6 отсто се задоволни од односот на медицинскиот персонал кој ги прегледувал.

Со мамографското скенирање се опфатени жените на возраст од 50 години,  кои се асимптоматски (без симптоми на болест) и кои, во согласност со податоците од системот „Мој термин“ не направиле мамографска контрола во последните две години. На овој начин ќе бидат опфатени жените од оваа возрасна група кои се заинтересирани за овој вид скенирање.  Околу 14 илјади жени спаѓаат во оваа категорија, а предвидено е понатаму скринингот да ја опфати и возрасната група од 50 до 69 години.

Повикувањето за мамографско скенирање го вршат самите установи со телефонско јавување кај жените од конкретната возрасна група. Секоја заинтересирана жена што спаѓа во оваа возрасна група може да се обрати до Министерството за здравство на телефонскиот број (02) 15 444 или на е-адресата mamografijaskrining@zdravstvo.gov.mk и да остави податоци за контакт.

Мамографското скенирање е една од најзначајните мерки за рано откривање рак на дојка, а со тоа и заштита на здравјето на женската популација, имајќи предвид дека тоа е најчестото малигно заболување кај жените.

Мамографското скенирање во Македонија функционира според сите стандарди и препораки од европските водичи во оваа област.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top