| четврток, 6 декември 2018 |

Се е ново за Македонија на ЕП

srbinoski

Марјан Србиновски неочекувано доби шанса да седне на жешкото столче и да ја превземе функцијата селектор на македонската кошаркарска репрезентација на неполни два месеци до стартот на Евробаскетот. Македонија со подмладен состав, речиси во ново руво ќе се обиде да ја мине групата Ц во Загреб во конкуренција на домаќинот Хрватска, Грција, Словенија, Грузија и Холандија. Две победи и четвртото место ќе бидат доволни да се пласираме во вториот круг на шампионатот што ќе се игра по уникатен систем со четири домаќин во првата фаза.

Kosarka Makedonija Belorusija 03 (Custom)

 

Без искусните волци Перо Антиќ, Тодор Гечевски, Ѓорѓи Чековски и Лестер бо Мекејлеб, некои нови момци предводени од искусните Владо Илиевски, Предраг Самарџиски и браќата Стојановски, Војдан и Дамјан и засилени со натурализираниот Американец Ричард Хендрикс ќе се обидат да направат подвиг и да остварат добар пласман.

Србиновски во Литванија 2011 година на ЕП, кога го освоивме историското четврто место му беше помошник на Марин Докузовски, а во истата улога, но како асистент на Алеш Пипан беше и на ЕП во Словенија кога завршивме на 21. позиција.

Имаме ли шанса да го повториме подвигот од Литванија 2011 година и кој е дострелот на оваа репрезентација на Македонија?

Мора да бидеме реални. За да се направи таков подвиг, историски резултат каков што беше тој во Литванија 2011 година треба сите коцки во мозаикот да се поклопат идеално. Спортистите секогаш се борат докрај и верувам дека и оваа генерација ќе даде се од себе да оствари добар пласман. Искрено има разлика од таа селекција, бидејќи сега имаме нов бран на помлади кошаркари, дел од нив за првпат ќе играат на Европско првенство. Лично сметам дека зенитот на оваа генерација треба да го очекуваме за две до четири години. Оптимизам ни дава и фактот дека релативно брзо потврдија дека имаат квалитет за високи дострели со одличните игри во квалификациите. Ова Европско првенство ќе биде напорно, суперквалитетно  и сите селекции прават максимум напори да играат со најдобрите состави, бидејќи турнирот е изборен и за следните олимписки игри.

Секоја победа на ЕП за нас е успех, а со евентуален пласман во втората фаза ќе направиме одличен резултат.

Во составот ги нема искусните волци Антиќ, Гечевски, Чековски и Мекејлеб. Како да се надомести нивното искуство на ЕП?

Со фанатична борбеност од сите што ќе добијат шанса ќе се обидеме да компензираме нешто што е можеби и клучно на големите натпреварувања, а тоа е искуството. Ние имаме лидери во Владо Илиевски, браќата Стојановски Војдан и Дамјан, тука е и Предраг Самарџиски, така да од нив очекувам да бидат движечката сила на паркетот, а од помладите да го следат нивниот пример и да се борат до максимум. Верувам дека македонската јавност ќе биде задоволна, ако кошаркарите го дадат и последниот атом од можностите во една силна група со мошне квалитетни противници. Кога ќе го исцрпите максимумот од себе, можете со кренати глави да го напуштите паркетот, без разлика дали сте победиле или сте загубиле. Сакаме заедно со моите помошници да создадеме една цврста репрезентација која ќе има респект за сите, но и ќе игра без страв против сите ривали на турнирот.

Разнишана ли е атмосферата со послендите случувања. Имаше смени на сите раководни функции, вклучувајчи ја и позицијата селектор на репрезентацијата. Ќе биде ли тоа дополнителен товар за играчите?

Јас не сум компетентен да одговарам за тоа што се случувало во федерацијата, а за атмосферата во и околу репрезентацијата тврдам дека е иста, па и подобра. Тимскиот дух си остана од квалификацискиот циклус, сега ќе се обидеме да го кренеме на потребното ниво за настап на европски шампионат. Кошаркарите се вистински професионалци, тренираат напорно, ги исполнуваат поставените задачи и нема никакви турбуленции. Треба да сме реални, и посакувам да нема притисок за некаков пласман, за бркање однапред поставени нереални цели. Верувам дека сите симпатизери на кошарката во Македонија ќе бидат задоволни од начинот на кој ќе се претставиме на шампионатот.

Жешкиот костен сега е во вашите раце. Во кошарката се навикнавме на настапи на ЕП, а по литванската епизода и апетитите пораснаа. Ќе се справите ли со сите предизвици и особено со силните ривали во Хрватска?

Ако нема жешки костени и големи предизвици во спортот, ќе нема ниту успеси. Да не верував во квалитетот на овие играчи што ќе ги бранат боите на Македонија на Евробаскетот немаше да бидам селектор. Си имаме свои цели и очекувања. Нема да ги оптоваруваме кошаркарите со нереални амбиции, а од нив како селектор очекувам максимална посветеност и борба за секоја топка. Така тргнавме и во Литванија, без преголеми очекувања, а се вративме со историски успех во колективните споротови. Македонската кошарка си има свое место на европската сцена, имаме континуитет од настапи на ЕП и во тој дух одиме да го потврдиме квалитетот и рејтингот на Македонија и на овој шампионат.

Прв меч на ЕП и веднаш противник ни е Грција. Секогаш има посебен набој, се работи за огромен престиж, а мотото е „ да се победи јужниот сосед и се останато не е важно“. Можеме ли до победа против како што велат Грците нивниот најдобар состав во овој милениум?

Притисокот ќе биде кај нив. Тие самите велат дека го имаат најдобриот состав досега и за нив ќе биде неуспех, ако потклекнат. Реално се големи фаворити, а ние треба да го искористиме притисокот од грчката јавност и да се обидеме да направиме сензација. Знам дека секогаш овие мечеви се под посебен фокус, има многу емоции, а нашиот рецепт ќе биде да ги ослободиме кошаркарите од било каков императив. Да одиграат еден обичен меч, да не подлегнат под стегите на императивот и да се обидат успешно да го почнат турнирот. На паркетот не верувам дека ќе има посебни искри или тензија, па очекувам коректен меч. За политиката нема место во спортот и сигурен сум дека во тој дух ќе мине и првиот наш дуел на ЕП на 5. септември. Општо групата Ц е исклучително тешка. Знаеме каков квалитет имаат Хрватите, кои патем се и домаќини, потоа и Грција и Словенија кои се фаворити. Грузија е постојано на европските првенства и сега има одличен тим со Пачулија, Маркоишвили, Саникиѕе, Хикман…, а Холандија иако е навидум аутсајдер ја елиминира Црна Гора на патот до ЕП.

Ви се допаѓа ли концептот со 4 земји домаќини на ЕП?

Јас сум за стариот систем. Ова можеби и беше изнудено трешение по откажувањето на Украина. Да видиме како ќе функционира, иако според мој вкус е претходниот систем со еден домаќин на европското првенство. Верувам дека по ова ЕП се ќе си биде по старо.

Кои селекции се фаворити за медал?

Според квалитетот секако топ-3 фаворити се Шпанија, Франција и Србија. Во секој спорт има изненадувања, па можно е да има изненадувања од калибарот на Македонија пред 4 години. Грција има силен состав со неколку НБА играчи, тука е и Хрватска. Има уште неколку многу искусни и квалитетни селекции, но според мене Шпанија, Франција и Србија се фаворити од прв ред.

Kosarka Makedonija Belorusija 01 (Custom)

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top