Во предворјето на црквата „Св. Софија“ актерите од театарот „Камери“ и од Националниот театар „Хабима“ од Тел Авив, Израел, за првпат во Македонија настапија на „Охридско лето“. Претставата „Нашиот клас“ од Тадеуш Слобоѓанек, во режија на Ханан Снир, и целата актерска екипа составена од реномирани имиња покажаа дека се ѕвезди на театарската сцена.
Приказната говори за животната судбина на Евреите во едно мало село во Полска. Израелскиот амбасадор во Република Македонија, Ден Оријан, вели дека ова дело ќе се одигра и по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Израел.
– Станува збор за два водечки театра во Израел и, навистина, ми беше голема чест што помогнав оваа претстава да се одигра во Охрид, а по повод одбележувањето на јубилејот од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, да се прикажува и во Битола, Скопје, како и во други држави – вели амбасадорот Оријан.
Генералниот директор на театарот „Камери“, Ноам Семел ни објасни дека целиот ансамбл што учествува во претставата пристигнал во Охрид и со голема возбуда гледаат на овој настап.
– Како прво, ова е прв настап на израелски театар на хебрејски јазик во Македонија. Како второ, радосни сме што „Нашиот клас“ се изведува за првпат со театар „Камери“ и националниот театар „Хабима“ надвор од Израел, како трето, кога пристигнавме овде дознавме дека израелската заедница била протерана и од Македонија, и како четврто, со претставата што е напишана од полски автор сакаме да запалиме свеќа за сите протерани луѓе во Втората светска војна – вели Семел.
Претставата говори не само за тоа што им се случило на Евреите, туку и за расизмот, за предрасудите во целиот свет и за тоа како некој може да прави злосторства врз луѓето од соседството.
– Демоните постојат во луѓето. Во нив има ниски страсти, кои едвај чекаат да излезат на виделина, посебно во вакви ситуации како што е војната – вели режисерот Ханан Снир.
Ноам Семел и Ханан Смир соработуваат професионално со години, но се и долгогодишни лични и семејни пријатели. Сето ова време тие се опкружени со добри актери и сметаат дека по многуте претстави што ги работеле заедно, сепак театарот влијае на општеството.
– По многуте претстави што ги направивме заедно, сметам дека „Нашиот клас“, можеби, нема да го промени мислењето на луѓето, но ќе ги поттикне барем повеќе да размислуваат. Таа нема да го смени ниту мислењето на политичарите, но, според мене, политичарите во Израел, и насекаде во светот се плашат од театарот – вели Семел.
Во претставата игра и првата дама на театарот „Хабима“, Евгенија Додина, која во 1990 година, заедно со група актери и режисери, пребегала од Русија во Израел и веднаш почнала да ги игра големите ролји.
– Прво воопшто не го знаев хебрејскиот јазик. Едноставно го учев текстот од улогите напамет, а не знаев што кажувам, и што е најважно, не знаев како ме доживува публиката. Сѐ додека еден ден кога влегов во такси не почнав да ја говорам својата реплика на таксистот. Тој почна да ме советува и да ми одговара, и така сфатив дека, всушност, добро ја вршам работата… луѓето ме разбираат – рече Додина, која во меѓувреме стана доктор на науки на Универзитетот во Тел Авив.
– Приказната почнува со деца во училиште, кои се шестгодишни, а потоа во текот на два и пол часа продолжија да се развиваат сите карактери сѐ до нивната 80-та година од животот. Голема привилегија е за еден актер да глуми ролја во пет различни сегменти од животот во период од шест до осумдесет години. Имате цел еден живот во два и пол часа. Мојата мисија е многу важна во претставата. Ова е вистинска приказна и сѐ што кажувам е, навистина, случено – раскажа актерката, Мики Пелег Ротштејн.
Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 152. број на неделникот „Република“, 31.07.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Македонија на театарскиот фестивал „Долгопрудненска есен 2019“, Русија
-
Актерите од „Забрането смеење“: Публиката да се впушти во една театарска авантура
-
Гостивар ќе добие театар: Владата донесе одлука за основање НУ „Гостиварски театар“
-
Театарска промоција на книгата „Го силуваме ежот“ од Марјан Анѓеловски