| четврток, 6 декември 2018 |

Али Ахмети мора да реши кој пат ќе го фати

Неприкосновениот лидер на Демократската унија за интеграција има најмногу три до шест месеци за заедно со своите соработници и со партиските органи да реши каква иднина сака за себе и за својата партија. Политичките наследници на Ослободителната народна армија, која во 2001 година почна внатрешен конфликт обидувајќи се да добие поголеми права за Албанците во Македонија, во што делумно успеа, сега се наоѓаат пред најголемиот предизвик во своето постоење

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Прифаќање на националистичката реторика и методологија при остварување на националните цели, чијашто крајна цел е Голема Албанија, или создавање рамки во кои Албанците во Македонија на мирен начин, преку влез во НАТО и во ЕУ, ќе ги остварат своите историски цели, се двете можности пред кои е исправен Али Ахмети. И двете можат да бидат погубни, едната за него, а другата за албанскиот национализам во Македонија. Последните инциденти во кои беа убиени двајца видни членови на ДУИ и претходната престрелка во скопско Кондово во која се судрија две спротивставени партиски групи е само врв на сантата мраз што постои во ДУИ. Иако најголемата албанската партија во Македонија на последните парламентарни избори постигна партиски рекорд со повеќе од 150 илјади гласови, таа се наоѓа пред голема криза, која може да доведе до поделба на партијата, но и до нов циклус на насилство. Не само поради инцидентите во кои две лица блиски на партијата беа убиени, а неколку други ранети, туку, пред сѐ, поради конфузијата што владее во Мала Речица и во подружниците на ДУИ низ Македонија за иднината што ја посакуваат. Кумановските настани беа пресвртна точка по која ДУИ не може да продолжи со досегашниот начин на работа во кој националната агенда ја туркаше мирно, без голем емотивен набој и видлив национализам. Заканите што доаѓаат до раководството на ДУИ од Косово и од неколку локални групи Албанци, како и фрлената експлозивна направа пред седиштето на партијата, покажуваат дека и покрај моќта добиена на изборите, ДУИ има мал простор за маневар. Во Мала Речица наскоро ќе мора да се донесе решение дали партијата ќе продолжи да работи како досега, заедно со македонските партнери во власта, во рамки на веќе установената политичка практика, или ќе ја радикализира својата позиција на линија на насилниот албански национализам што се подгрева од Косово. Пред да ја донесе својата одлука, Ахмети, како искусен лидер, чијашто партија веќе 13 години (со прекин од две години во владата) е дел од власта, ќе ги анализира сите аргументи.

Доколку на вагата на која на едниот крај се мултиетничката стабилност на Македонија, американската безусловна поддршка за граѓански, место етнички концепт и иднината во ЕУ и во НАТО натежне тасот каде што ќе бидат повиците за одмазда на убиените и на заробените команданти на ОНА во Куманово, состојбата не ни е розова. Засега на Ахмети му оди на рака поведението на македонските Албанци и на интелектуалната елита, кои по Куманово не повикаа отворено на реваншизам и кои, барем јавно, не покажуваат дека се против казнување на секој обид за неуставно однесување. Секако, проблем за него ќе бидат „косовските господари на војната“ и албанската дијаспора, која претежно се информира од социјалните мрежи на кои доминира говор на омраза и каде што малкумина ќе прочитаат дека десетте убиени Албанци во Куманово влегле вооружени да убиваат цивили. Главната порака на социјалните мрежи е дека Македонците егзекутирале невини албански борци за слобода и Ахмети нема речиси никаква можност да го смени тој став. Уште два други важни момента ќе влијаат на Ахмети при одлуката кој пат да го фати, едниот е состојбата на анкетите за рејтингот, кои не покажуваат драматична промена на полошо, и опасноста од сѐ поголемото влијание на радикалните исламски елементи, кои му се закануваат на Балканот. Во ДУИ им е јасно дека каква било радикализација во партијата и во Македонија значи отворена покана за радикалите, кои ќе добијат поголемо значење и покрај тоа што ќе бидат опасност за Ахмети лично и можат да ја урнат кршливата македонска стабилност. Во такви услови Ахмети нема друга излез освен да стане маргиналец, кој пропуштил историска шанса Албанците во Македонија да добијат долгорочна гаранција за стабилност и за просперитет.

 

Како ќе игра Ахмети зависи и од Тачи

На евентуалната промена на стратегијата на Ахмети силно ќе влијае и однесувањето на, според моќта, вториот лидер на Албанците во Македонија, Мендух Тачи. Контроверзниот лидер на Демократската партија на Албанците, кој досега во неколку наврати донесуваше одлуки што со чудење беа прифаќани од македонската јавност, секогаш кога имаше сериозни ситуации се однесуваше одговорно. Затоа и сега не би требало да очекуваме радикализација во ДПА, која дополнително би ја хранела радикализацијата кај военото крило на ДУИ. Доколку Тачи на изборите во април се реши да игра на карта на национализам, поддржан од неговите косовски другари, тогаш неизбежно е ДУИ да ја прифати играта со цел да не биде доживеана како слаба партија, која игра според нотите на Груевски. Од тој процес може да произлезат низа нови барања за правата на Албанците, кои дополнително може да ги влошат меѓуетничките односи во земјата, кои, барем засега, се чини дека се најстабилни од потпишувањето на Охридскиот договор.

 

(Текст објавен во 152. број на неделникот Република, 31.07.2015)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top