Политичкиот лидер на турските Курди Селахатин Демирташ ја повика меѓународната заедница да ја осуди „новата неправедна војна“ на Анкара против Курдите и побара од ЕУ да се заложи за постигнување примирје.
Демирташ вчера, за време на ненајавената посета на Брисел, изјави дека минатата недела телефонски разговарал со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Фредерика Могерини и дека денеска ќе се сретне со нејзиниот соработник Стефан Мансервиси.
– ЕУ мора јасно и отворено да ги поддржи преговорите меѓу Курдската работничка партија (ПКК) и Турција – изјави лидерот на Демократската партија на народите (ХДП).
Тој праша зошто се укажува на тоа дека ЕУ веќе не ги поддржува мировните преговори што пропаднаа, откако Анкара почна да ги бомбардира базите на ПКК во северен Ирак.
– Зошто веќе не не поддржувате? Брисел мора да ги поддржи преговорите меѓу лидерот на Курдите Абдула Оџалан и турската Влада и да изврши притисок за прекин на огнот – нагласи Демирташ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.