Пробиен со една коловозна лента е три дена блокираниот регионален пат Тетово – Јажинце, изјави вицепремиерот Владимир Пешевски, кој истовремено е и раководител на владиното Координативно тело за справување со последиците од поплавите во Тетовско, при денешната посета на Порој.
Пешевски, како што рече, се очекува сообраќајот да биде нормализиран во текот на утрешниот ден кога ќе биде пробиена и втората коловозна лента.
Додаде дека во моментот патот се користи од тешката механизација и камионите ангажирани за расчистување на над 200.000 кубни метри кал, камења и други наноси кои беа донесени од Поројска Река при големото невреме што го зафати регионов во понеделникот.
Вицепремиерот Пешевски информираше и за две посебни одлуки донесени на денешната вонредна седница на Владата за помош во санирањето на последиците од невремето во Тетовско.
– Првата е одлуката за доделување на 80 тони нафта за потребите на градежната механизација ангажирана за расчистување на наносите од поплавите во регионот бидејќи иако дел од механизацијата е ангажиран од Дирекцијата за заштита и спасување, дел е ангажиран од локалната самоуправа која има потреба за нафта за машините- изјави Пешевски.
Втората одлука е донесена во координација со Управата за раководење со одземени предмети според која доделени се околу 20.000 парчиња како облека, ќебиња, прибор за јадење, чинии, но и ранци и друга опрема наменета пред се за семејствата кои претрпеа големи штети од поплавите.
– Со оваа мерка очекуваме да им помогнеме на погодените семејства да почнат во нормализирањето на животот. Иако е тоа само почеток, ние ќе продолжиме постојано да ја следиме состојбата и да интервенираме спрема потребите- рече Пешевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Обид за убиство во Тетово
-
Монструозно насилство утринава во Тетово: Маж ја прободел својата вонбрачна жена во градите, вратот, грбот и дланките
-
Пред сендвичарница во Тетово го прободел со нож: Момчето е итно пренесено во Скопје
-
Зошто некој сакаше успешна акција на специјалците во МВР да остане незабележана?



