Централниот бек Лука Мраковчиќ ќе биде новиот организатор на играта на Металург. 20-годишниот хрватски ракометар во Автокоманда доаѓа од Замет, матичниот клуб му е Печине, а играл и во Козала.
– Пресреќен сум што доаѓам во еден од најдобрите балкански клубови, а особено задоволство ми прави тоа што за тренер и учител ќе го имам најдобриот европски стратег Лино Червар. Доаѓањето во Металург го сметам како голем чекор напред во мојата кариера, бидејќи со тоа ми се остварува сонот да играм во Лигата на шампоните. Се надевам дека ќе го оправдам мојот агажман во тимот и дека ќе бидам дел од новото издигнување на клубот, изјави Мраковчиќ.
Новиот играч на металурзите потпиша тригодишен договор.
Покрај клупските ангажмани, во својата кариера Мраковчиќ бил дел од сите млади репрезентативни селекции на Хрватска, а со јуниорската селекција на Хрватска е освојувач на сребрен медал од Светското првенство 2013 во Унгарија.
Во изминатиот период Металург се засили со десниот бек на Мешков Брест, Австриецот Јанко Божовиќ, голманот на Беса, Даниел Дупјачанец, левиот бек на Мекленбург, Хрватот Марко Матиќ, пикерот на Радовиш, Константин Петров и со српскиот голман од редовите на Спартак, Милош Вуковиќ, а го продолжи и договорот со пикерот Жарко Пешевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.