| четврток, 6 декември 2018 |

Судска медицина демантира дека утврдила со колкава брзина се движел автомобилот на Младенов во моментот на несреќата

 Институтот за судска медицина ги демантира информациите објавени во некои медиуми дека било утврдено точното време кога се случила трагичната сообраќајна несреќа во која загина новинарот и сопственик на „Фокус“, Никола Младенов, како и дека во моментот на несреќата автомобилот се движел со брзина од 150 километри на час. Директорот на Институтот, Алексеј Дума за „Република“ вели дека таква изјава воопшто не дал и дека со објавувањето на такви информации се дезинформира јавноста.

–          Судска медицина ги дематира информциите објавени во некои медиуми дека брзината на возилото во времето кога се случила сообраќајната несреќа изнесувала 150 километри на час. Такво нешто ниту можеме ние да утврдиме, ниту имаме надлежност за такво нешто. Тоа не е во доменот на нашата работа. Руптурата на аортата на починатиот настанала поради нагло намалување на брзината со која телото се движело, меѓутоа ние ниту сме одредиле, ниту можеме да ја одредиме точната брзина со која се движело возилото, вели Дума за „Република“.

Дума негира дека било утврдено дека Младенов загинал во вторникот во 23.30 часот.

–          Времето на несреќата сѐ уште не е точно утврдено. Сѐ уште се вршат испитувања за точното веме. Сигурно е дека имало поголем временски период од настанувањето на несреќата до пронаоѓањето на телото, но колку точно минало, сѐ уште се утврдува – вели Дума за „Република“.

Од МВР не соопштуваат нови детали. Велат дека се обезебедени голем број докази од местото на несреќата за кои треба поголем временски период да се извршат потребните вештачења. Оттаму најавуваат дека ќе излезат со официјално соопштение во јавноста дури откако ќе завршат сите истражувања и анализи.

„Република“ од извори во истрагата дознава дека уредот што ја покажувал брзината со која се движи автомобилот бил застанат на повеќе од 140 километри на час, поради што има претпоставки дека возилото се движело со неприспособена брзина во моментот на несреќата. Исто така, бил пронајден и застанат часовник, кој покажувал речиси идентично време со времето што го покажувале и други докази најдени на местото, но сѐ уште се прават вештачења за да се утврди точното време на настанувањето на смртта и брзината до која се движел автомобилот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top