Труењето со храна или вода е често заболување, кое се јавува како резултат на внесување храна или вода што содржи бактерии, паразити, вируси или токсини. Симптомите најчесто се манифестираат во тек на 24 часа, брзо по консумирање на загадената храна. Ова заболување може да се јави кај еден човек или кај група луѓе што јаделе од истата загадена храна. Овие болести се јавуваат преку целата година, а доминантни се во лето, а за тоа придонесува високата температура. Не постои тип на вакцина за да се заштитиме од овие заболувања. Нема ниту антимикробно средство што може да спречи појава на овие заболувања, вели д-р Иван Видиниќ, специјалист инфектолог од Клиниката за инфективни болести.
Труењето со храна и со вода е често заболување, но во лето е уште поизразено. Како да се заштитиме од труењето со храна и со вода?
ВИДИНИЌ: Алиментарни токсоинфекции или народски кажано труењето со храна е група заболувања што настануваат по консумирање храна што содржи еден или повеќе агенси што содржат бактерии, паразити, вируси, фунги, но и токсични супстанции од немикробно потекло. Карактеристика на овие заболувања се акутност, што значи појава на симптомите во првите 72 часа од консумација на храната. Симптоматологијата е, пред сѐ, од гастроинтестиналниот тракт и епидемиолошка поврзаност, односно постоење на споменатата симптоматологија кај две лица што јаделе контаминирана храна. Овие болести се јавуваат преку целата година, а доминантни се во лето, а за тоа придонесува високата температура. Не постои тип на вакцина за да се заштитиме од овие заболувања. Нема ниту антимикробно средство што може да спречи појава на овие заболувања. Во превенција на овие заболувања се најважни мерките на лична хигиена, користење на хигиенски исправна вода за пиење, внимателно консумирање храна од животинско потекло. Оваа храна треба да биде доволно термички обработена, да се консумира веднаш по приготвување. Ако не се јаде веднаш, приготвената храна треба соодветно да се чува, да се стави во ладилник, најмногу два часа по подготовката. Ако надворешната температура е висока, тогаш и еден час по готвењето треба да се стави во ладилник. При консумирање овошје и зеленчук потребно е темелно да се измие со вода. Во лето треба посебно внимателно да се консумираат јајцата. Тие може да бидат примарно загадени уште во фазата на создавање на репродуктивните органи на живината. Затоа е неопходно да се консумираат само тврдо варени јајца, никако свежи или меко варени. Важно е да се избегнуваат продукти од свежи јајца, пред сѐ домашните мајонези, разни сосови, колачиња, кремови за колачи. Треба да се консумира само хигиенски исправна вода. Ако не постојат такви услови, мора да се користи пакувана вода или превриена вода. Многу се важни и мерките на превенција што ги спроведуваат санитарните служби во државата, а тоа би значело редовни санитарни прегледи на луѓето што учествуваат во подготовка на храна, здравствените работници, луѓето што работат со стари лица во домовите, вработените во градинките, како и редовни контроли на објектите кои ја подготвуваат и чуваат храната. Овие заболувања, ако ги има, мора веднаш да се пријават во епидемиолошка служба.

Секоја намирница што се користи во исхраната, ако не се подготвува и ако не се чува соодветно, е потенцијален извор на заболување
Дали постојат намирници што лекарите ги истакнуваат како посебно опасни и кои треба да се избегнуваат?
ВИДИНИЌ: Секоја намирница што се користи во исхраната, ако не се подготвува и ако не се чува соодветно, е потенцијален извор на вакво заболување. Затоа е многу важно како се подготвува храната. Значи овошјето е зеленчукот што се консумираат свежи мора темелно да се измијат. Храната од животинско потекло мора да биде доволно термички обработена. Најчестата грешка што се прави е чувањето на храната по подготовката. Таа мора да се консумира веднаш откако ќе се подготви или да се чува во ладилник, најмалку еден или два часа откако ќе се подготви.
Кои се првичните симптоми и компликации што се јавуваат при труење со храна?
ВИДИНИЌ: Има општи и специфични симптоми. Во општите симптоми се треска, покачена телесна температура, слабост, намален апетит. На тоа се надоврзуваат симптомите на гастроинтестиналниот тракт – симптоми на гадење, повраќање, дијареја, стомачни болки, грчеви во цревата. Тоа се главните симптоми, кои веднаш ги тераат пациентите да се јават на лекар и да побараат помош. Не се секогаш толку силно изразени симптомите на овие болести, па затоа пациентите, ако ги препознаат можат да консумираат различни раствори за рехидратација, кои ги има по аптеките. Така можат сами да си помогнат бидејќи овие раствори може да се набават без лекарски рецепт. Некогаш е доволна и само диета од еден-два дена за да се смират овие симптоми. Потешките форми на труење доведуваат до нарушување на водно-електролитниот и ацидо-базниот баланс во организмот што доведува до дехидратација на организмот, намален волумен на течности, а тоа води до намален крвен притисок, може да дојде и до колапсна состојба, загуба на свест, појава на грчеви на мускулатурата и, во крајно тешките случаи, намалена перфузија на виталните органи со крв што може да има за последица нарушена работа на бубрезите, срцето, мозокот, што, за среќа, ретко се случува.
Во лето се актуелни и цревните и бактериските инфекции и тоа кај сите возрасни групи. Што треба да се стори за да не дојде до дехидратација на организмот?
ВИДИНИЌ: Најважно е да се внесуваат доволен број течности. Пиење само вода не е доволно бидејќи водата не ги содржи важните електоролити, кои се губат интензивно во текот на овие болести. Во аптеките постојат готови раствори за орална рехидратација, кои имаат идеален баланс на електролити и други потребни минерали за надоместување во тек на овие болести. Тие лесно се апсорбираат од гастроинтестиналниот тракт и го обновуваат волуменот на течности во организмот со што може да се превенираат овие тешки компликации.
Кои се Вашите препораки до читателите за топлите жешки денови, која храна да ја избегнуваат и на што посебно треба да внимаваат при консумирање вода и течности?
ВИДИНИЌ: Мојата препорака е во лето да се консумира само домашно приготвена храна. Тоа значи доволна термичка обработка на храната од животинско потекло, темелно миење на овошјето и на зеленчукот што се јадат свежи. Препорачувам да се пие пакувана вода или превриена вода, посебно кога сме надвор од местото на живеење, посебно за време на летните одмори. Подобро е да се избегнува брза храна во летните месеци, посебно сладоледи, кремови и мајонези што се подготвуваат од свежи јајца за да се спречи појавата на масовни труења со храна.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)



