| четврток, 6 декември 2018 |

Сандра со рекет ѝ пркоси на болеста, „Капетанот“ Али не му се дава на ракот

Сандра со рекет ѝ пркоси на болеста, „Капетанот“ Али не му се дава на ракотТенисерката Сандра Клеменшиц и еден од најдобрите играчи на снукер, Алистер Картер, се вистински спортски примери за истрајност, за челична волја за живот и модерни спортски херои кои успешно ѝ пркосат на чумата на модерната доба, ракот.

И двајцата со исконска желба за живот пребродеа тешки моменти и успешно победија различен вид на рак.

Приказната за сестрите близначки Клеменшиц, Даниела и Сандра, е една од најтажните во светот на спортот, но во исто време и една од највосхитувачките на сите времиња.

Во јануари 2008 година, тогаш 26-годишните сестри од Салцбург, Австрија, ја разбраа шокантната вест. Боледуваа од редок вид на рак на стомакот. Тенискиот свет со голема тага ја дочека информацијата за трагедијата на симпатичните девојки кои заедно играа на турнирите во двојки.

Работите дополнително се влошија една година подоцна, кога во април Даниела ја загуби последната и најважна битка против смртоносната болест. Ракот засекогаш ги раздели сестрите близначки и ја фрли Сандра во очај. Таа поради медицинскиот третман мораше привремено да ја прекине кариерата, но не и целосно да се откаже од тенисот, играта што ја сака најмногу.

sandra

Турнири има секоја недела, животот е еден

Во 2009 година Сандра успеа да ја скроти болеста што го однесе животот на Дани. И покрај големата болка по изгубената сестра-близначка, таа одлучи да им се врати на тениските турнири.  Сестрите заедно имаа освоено 23 титули на турнирите ИТФ, кои се од пониска категорија, а за жал не дочекаа заедно да се радуваат на трофеј од професионалните турнири. Подмолната болест беше побрза и предвреме го раздвои тандемот Клеменшиц. Сепак, Сандра успеа да направи „камбек“, а нејзината приказна доби светски димензии. Тенисерките  се нудеа да ѝ прават друштво во игра на двојки, а честопати можноста прва да заигра со неа ја имаше нејзината сонародничка, Ивон Мојсбургер. Првите две битки беа загубени, но Сандра ја доби најважната, битката за опстанок, за продолжување на животот.

„Дани засекогаш ќе остане во моето срце. Тоа е како да сте ми откинале дел од мене, но токму во спомен на мојата сестра одлучив да продолжам да се борам и повторно да играм тенис. Порано плачев по поразите на турнирите, но сега веќе не го правам тоа. Го користам секоја момент да му се радувам на животот. Турнири има секоја недела, а животот е еден“, вели Сандра.

Срцата на вљубениците во тениската игра треперат за неа и поддршката беше неверојатна. Светската тениска елита предводена од Роџер Федерер организираше сопствена аукција со продажба на опрема, облека и разновидни тениски реквизити за да се соберат доволно средства за скапиот медицински третман на Сандра.

Во таква ситуација и моралната поддршка беше добредојдена.

„Таа е наша, но и светска спортска хероина. Ѝ се восхитувам бидејќи и покрај големата загуба што ја претрпе со смртта на Даниела и со личните проблеми со ракот, се бори како лавица. Дојдов од Виена во Бад Гштајн за да ја бодрам и да ѝ порачам да продолжи да се бори“, изјави голем обожавател на Сандра Клеменшиц, кој дојде на првиот турнир што Австријката го одигра по враќањето на тениските терени.

На истото место, преклани, во тандем со Андреа Клепац, 32-годишната тенисерка си го оствари сонот и ја освои првата ВТА титула во кариерата. Вкупно ги има 41, вклучувајќи ги и турнирите ИТФ, но најважното е што има можност да ужива во секој миг од животот.

Непобедливиот играч на снукер од Есекс

Лична трагедија како и Сандра Клеменшиц преживеа и еден од најдобрите играчи на снукер, Алистер Картер. Популарниот капетан од Есекс во 2010 година беше број два на светската ранг-листа, а имаше победи против речиси сите врвни мајстори на оваа игра, освен против најдобриот на сите времиња, Рони О` Саливен. На 12 дуели против него претрпе 12 порази, но две победи надвор од масите за снукер, сепак, беа најважни за Картер.

ali

Во 2003 година, на 24-годишна возраст, му беше дијагностицирана Кронова болест. Или поедноставно, заболување на дигестивниот тракт. Нешто што може да донесе многу поголеми проблеми, иако во мал процент е смртоносен. Алистер се одлучи на строга диета и на храна без глутен, нешто слично како и Новак Ѓоковиќ. Диетата беше успешна десетина години, но Картер пак се соочи со здравствени проблеми. Овојпат многу посериозни, бидејќи докторите му соопштија дека има рак на тестисите.

„Бев во шок и преживеав вистински кошмар. Како некој да пукал во мене или како да ме скршиле на мали парчиња“, изјави Картер.

Во јули 2013 година беше опериран, а само 12 месеци подоцна стаса нов шок за познатиот снукерист. Сега се работеше за тумор на белодробното крило. Болеста напаѓа од сите страни, но популарниот „Капетан“ како што го нарекуваат Али, не се предава. Како мачка со седум животи, Картер исконски упорно ја водеше битката против неколкуте видови рак.

„Во петок ми кажаа дека имам рак. Можете да замислите каков пеколен викенд преживував тогаш. Во понеделник беше неработен ден, а веднаш во вторник почнав со хемотерапија. Но, ме водеше мислата дека не смеам да дозволам да умрам на 34-годишна возраст. Се бодрев постојано да издржам. Знаев дека чудата се ретки, но и дека сепак се случуваат“, вели Картер.

Двојниот финалист на Светските првенства се движеше по тенката линија меѓу животот и смртта, но одби да се предаде.

Британските медиуми пишуваа дека „тоа е човекот кој херојски одбива да умре“. Трагедијата се претвори во неверојатна спортска и животна бајка, а Картер точно 110 дена по објавата дека има рак на белодробното крило успеа да го освои турнирот во Хонгконг. Во финалето го надигра Шон Марфи, врвен играч на снукер, еден од најдобрите во оваа ера.

На првиот настап во својата земја, Англија, каде што играше на шампионатот на „Обединетото кралство“, доби долготрајни овации од публиката, која сакаше да го поздрави својот миленик и да го поддржи да издржи во битката со подмолната болест. Картер вели дека не е лесно, но дека тој е тука да им помогне со совети на сите што сакаат да се борат. Подобар модел за неверојатно инспиративната битка за живот, од човекот со многу животи и херојот што одбива да умре, веројатно и нема.

 

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top