Алберт Ајнштајн, Томас Едисон, Исак Њутон, Александар Бел, Стив Џобс, Бил Гејтс, Џон Ленон, Ернест Хемингвеј, Винстон Черчил, Том Круз, Селма Хајек се познати личности во историјата што имале дислексија. Дислексијата е специфична тешкотија при читање, пишување и спелување. Тоа не е болест, а тешкотиите со читањето може да се надминат со посебни техники, потенцира Дамјан Николовски, претседател на Здружението за дислексија „Ајнштајн“.
Што е дислексија и како се манифестира таа? Кои се симптомите на дислексија? Дали има различни нивоа на дислексијата?
НИКОЛОВСКИ: Дислексијата е специфична тешкотија при читање, пишување и спелување во услови кога видот и слухот се со нормална функција и во услови на вообичаени инструкции за читање дадени од наставникот или од родителот. Се смета дека дислексијата има невролошка природа, дека лицата што имаат дислексија повеќе ја користат десната хемисфера од мозокот иако центрите за читање и пишување се наоѓаат во левата хемисфера и дека не зависи од интелектуалната способност на лицето. Дислексијата не е појава која е видлива и која можете да ја препознаете додека разговарате со индивидуата што ја има. Најчесто се манифестира додека лицето чита или пишува, со изразени грешки карактеристични за оваа појава, како што се: замена на одредени букви, испуштање букви, нагаѓање на зборовите, едноличен тон при читањето, непочитување на интерпункциските знаци и на правилата за голема и за мала бука, искривување на редот при пишување, пишување букви со различна големина или губење на редот при читањето. Кај помалите деца е видлива неможноста да ги поврзат буквите во збор со одредено значење или да кажат без посебни напори на која буква почнува или завршува еден збор. Кај возрасните со дислексија, тешкотиите се манифестираат со брз замор при читањето и неразбирање на тоа што го читаат. Тие трошат значително поголемо количество енергија од вообичаеното додека се концентрираат да го разберат тоа што го прочитале. Дислексијата може да биде застапена кај единката во различни форми и степени, од што натаму зависат начинот и брзината за надминување на тешкотиите. Се вели дека нема двајца дислексичари со идентични симптоми, секој е приказна за себе.
Дали постои некаков регистар на лицата што имаат дијагноза на дислексија? Дали располагате со некаква бројка?
НИКОЛОВСКИ: Со оглед на тоа дека до пред една година воопшто не се ни спомнуваше дислексијата, очекувано е дека воопшто нема никакви истражувања за тоа колку дислексијата е застапена во Македонија. За да може да се направи регистар или да се евидентираат случаите со дислексија, потребни се луѓе кои можат да ја детектираат и да ја утврдат. Истражувањата во светот покажуваат дека од 10 до 15 проценти од населението има некаква форма на дислексија. Некои податоци говорат дека во англиските говорни подрачја дислексијата е застапена дури кај 20 отсто од населението. За да говориме за одредена застапеност на дислексијата кај нас, можеме да ги користиме истражувањата од соседните земји каде што се говори на јазици од словенската група и кои укажуваат дека околу 10 отсто од населението страда од дислексија во помал или поголем обем.
Веќе спомнав дека за да направиме регистар на ученици со дислексија, потребно е во училиштата да има кадар кој би умеел да ја детектира и да ги евидентира тие ученици. Истражувањата што ги направи Здружението за дислексија „Ајнштајн“ во четири општини на територијата на град Скопје укажуваат на тоа дека просветните работници воопшто не се упатени во дислексијата, односно не биле едуцирани во текот на нивното високо образование, ниту, пак, посетувале обука преку која би добиле дополнителни знаења за препознавање на дислексијата. Досегашните истражувања, исто така, покажаа дека, во просек, во секое одделение од прво до петто има два до три ученика со тешкотии во читањето, што може да укажува на дислексија и што, на некој начин, ја потврдува застапеноста на дислексијата од 10 отсто кај учениците во нашите училишта.
Колку време постои Здружението за дислексија „Ајнштајн” и кои се вашите цели?
НИКОЛОВСКИ: Здружението постои од декември 2013 година, но најголем дел од активностите почнаа да се спроведуваат при крајот на 2014 година, што е прилично краток период, но со задоволство можам да кажам дека за овој временски период постигнавме навистина многу. Главна цел на Здружението првенствено е подигнување на јавната свест за дислексијата, потоа правилен третман на лицата со дислексија и измена на законската регулатива, со што дислексијата би влегла во законот како посебна состојба.
Колку е важно навреме да се открие дислексијата?
НИКОЛОВСКИ: Раното откривање на дислексијата е од непроценливо значење за развојот на единката, и тоа не само академскиот туку и за емотивниот развој. Доколку се согледаат тешкотиите карактеристични за дислексијата, постои можност за навремена интервенција, односно примена на специфични техники кои ќе помогнат за нивно надминување. Доколку, пак, не се детектира дислексијата, тешкотиите со читањето и со пишувањето ќе останат, ученикот и натаму ќе вложува огромни напори при читањето и учењето со цел да постигне задоволителни резултати во училиште и со цел да не ги разочара родителите. Поради постојаното укажување на грешките, а без да се согледа дислексијата, дислексичарот живее со мисла дека во секој нареден чекор ќе направи грешка. Во такви околности, лицето кое страда од дислексија ќе почне да применува различни одбранбени механизми за да го прикрие недостатокот со читањето. Таквите механизми, како што се бегање од часови, симулирање болест, одвлекување на вниманието на друга страна, повлеченост или недолично однесување, почнуваат да се применуваат по шесто-седмо одделение и најизразени се во адолесцентниот период. Тогаш дислексијата станува уште поневидлива и потешко се детектира, а неспособноста за учење станува уште поголема. Затоа се важни навремената детекција и интервенцијата.
Зошто долго време воопшто не се зборуваше за оваа состојба?
НИКОЛОВСКИ: Во развиените земји се зборува и се истражува за дислексијата повеќе од 50 години. Првиот метод за надминување на дислексијата е осмислен уште во 1930 година. Тешко е да се каже зошто ние во Македонија толку долго сме го занемарувале овој проблем. Веројатно сега е дојден моментот поинтензивно да се занимаваме со оваа состојба и, секако, да ги користиме искуствата од развиените земји.
Дали дислексијата како состојба може да се надмине? Дали науката открила која е причината за дислексија?
НИКОЛОВСКИ: За да се зборува дали дислексијата е состојба што може да се надмине, треба да се знаат двете страни на дислексијата. Сè повеќе во светот се говори дека дислексијата е дарба, односно дека дислексичарите се невообичаено креативни, со силна интуиција, одлични во решавањето комплексни животни или деловни проблеми, ја гледаат големата слика на нештата наспроти задлабочување во детали и низа други способности кои ги прават посебни. И ако зборуваме за надминување на дислексијата, одговорот е да – тешкотиите со читањето може да се надминат со посебни техники, а при тоа да останат дарбите кои ги носи дислексијата со себе. Инаку, сè уште не се откриени причините зошто се јавува дислексијата. Единствено се знае дека таа има невролошка природа, односно дека лицата со дислексија повеќе ја применуваат десната хемисфера од мозокот и дека размислуваат доминантно со слики, начин на размислување кој е многу побрз од вербалниот начин, односно размислувањето со зборови. Токму таквиот начин на мислење ги прави проблемите со читањето, кое, всушност, претставува процес на дешифрирање симболи. Голем дел од истражувачите сметаат дека за појава на дислексијата се виновни гените, но, сепак, и тоа сè уште не е докажано.
Како да се решат институционално проблемите со децата кои имаат проблемите со учењето? Каква е вашата соработка со наставниците во училиштата?
НИКОЛОВСКИ: Заложбите на нашето Здружение се токму тие што ги спомнувате, поголема соработка со наставниците и институционално решавање на проблемите на учениците со тешкотии во читањето и во пишувањето. Решавањето на проблемите треба да биде чекор по чекор и, се разбира, во соработка со институциите задолжени за образованието – Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Нашето здружение со досегашните активности успеа да го направи првиот чекор, односно дислексијата да биде препознаена како проблем. Сега следуваат чекорите каде што очекуваме помош од институциите. Пред сè, дислексијата треба да биде вклучена во законите кои се однесуваат на образованието, основно, средно и високо. Потребно е да се подготват правилници во кои јасно ќе се дефинира кој треба да ја детектира дислексијата, критериуми за утврдување, каков треба да биде начинот на проверка на знаењето, какви да бидат формите на тестовите, како треба да се однесуваат наставниците и уште многу други јасно дефинирани правила. Секако дека очекуваме помош од надлежните и во однос на финансирањето обука која е неопходна, со оглед на тоа дека дислексијата досега воопшто не била застапена во образовниот процес и просветните работници, едноставно, не се упатени во овој проблем. Дека соработката со Министерството за образование и наука и наставниците засега оди во добра насока е фактот што на голем број ученици им беше овозможен помошник кој им ги читаше прашањата од екстерното тестирање и тие можеа да го искажат своето вистинско знаење, ослободени од тешкотиите со читањето.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.