Не можам да поверувам дека сега, четврток навечер, кога вообичаено му се радувавме на новоизлезениот неделник, ќе ги споделувам моите збркани мисли од пресилни емоции, тони тага и болка затоа што нашиот Никола нѐ напушти. Ама во душава ми тлее и гнев и револт. Затоа што добро знам низ што минуваше последнава година-две, колку упорно се бореше за опстанокот на „Фокус“, а со тоа за преживување на критичката мисла, за слободата на новинарството на кое му го посвети животот.
Го запознав кон крајот на 80-тите кога беше бунтовникот од „Млад борец“. И да се пофалам дека благодарение на неговата настојчивост, првпат напишав текст за овој легендарен весник. Всушност, не го пишував, туку го диктирав, а тој дури го чукаше на машина.
Обезбедив телефонски ексклузивна изјава од судијата во, за тоа бившо југословенско време – судскиот процес на столетието против директорот на „Агрокомерц“, Фикрет Абдиќ. Тоа беше Никола!
Се радуваше на сѐ што е ексклузивно, му се креваше адреналинот на секоја истражувачка сторија од типот –скандалозно. Ме фасцинираше, иако „ми се качи на глава“- му го реков и тоа, што сѐ правеше како главен и одговорен уредник за да го има она што другите го немаат. Што пишуваше за она што другите не смееја или немаа храброст да го истражуваат. Тогаш, на почетокот на 90-тите секој тргна по својот пат, јас бев во МТВ, тој го стартуваше проектот ФОКУС.
Патиштата ни се сретнаа повторно некаде на почетокот на овој век. Сега тој беше сопственик, а јас главен и одговорен уредник, но продолживме да работиме по ист терк, тимски. Работите тргнаа, нашите насловни „дрмаа“ низ јавноста. „Фокус“ се развиваше, но етерот прво постепено, а потоа засилено почна одвратно да се контаминира. „Фокус“ го чувствував како оаза на слободната мисла. За десетгодишнината на неделникот, во 2005-та, се обидов да ја објаснам формулата според која функциониравме. Секогаш одевме спроти ветрот. Нашата мисија беше да се обидеме да ја контролираме секоја аздисана власт. А, сите аздисуваа кога ќе ги обземеше моќта.
Мојот последен разговор со Никола, пред неколку дена, траеше повеќе часови. Му реков, „Никола, сега се бориме со ураган. Ова цунами ќе нѐ однесе! Ти и Биљана ѕверски се борите за финансиски да опстанеме, јас окапав како последен криминалец по судови, луѓево овде изгинаа од работа за дневниот и за неделниот „Фокус“, а јавноста немо дури и сеирџиски го проследува умирањето на секој медиум“!
Разговаравме колку е тажно што по 23 години плурализам, треба да објаснуваш колку е важна слободата на медиумите! Дека во вакво ненормално општество, дури веројатно, ние им изгледаме ненормални! А, судството чија „независност“ боде очи до Брисел и Вашингтон, ете тоа судство ќе ни ја одмерува границата на новинарската слобода. Но, да беа само тужбите проблем! Забрануваа да се продава „Фокус“, не смееја да рекламираат кај нас, играа суптилно, подземно, да исчезнеме демек пазарно! Небаре има слободен пазар со милиони евра владини реклами стокмени за лојалните.
Последните неколку насловни страници за неделникот, кои беа негова специјалност, изборот на темите беше наша слобода, кога во глуво доба во ноќта ќе ме прашаше: дали се согласуваш со овој избор?, вообичаено завршувавме со констатацијата дека веќе не личиме на „Фокус“. Полека успеваат да нѐ вкалупат по нивна мерка. Ова е време на трговците со вистината и лагата. Но, безрбетници не станавме!
Се согласивме речиси во сѐ. И дека имаме екстра новинари, кои ме потсетуваат на оној негов адреналин од „Млад борец“. Но, јас се чувствував изморена од силните пресии. Ми тежи многу на душата што му најавив дека сакам да се повлечам од уредничките функции. Е тука не најдовме заеднички јазик. „Тоа им е целта“, ми рече. Веруваше дека уште има шанси. Дека вреди да се оди до крај. Таков беше Никола ама дојде до најлошиот крај … за него!
Ме замоли, впрочем така тој секогаш разговараше, да се одморам неколку дена. Дури и кога е нашата бурна среда, оти и дневниот и неделниот „Фокус“ се правеше, дојдов на работа само за да потпишам одговор на уште една тужба до судот. И како што ја почнавме дружбата, со „ексклузивката“ од судијата, само што се потпишав на судскиот документ, ме дамлоса црната вест за трагичниот настан. Ама веста не беше „ексклузивна“, туку најстрашната што сум ја чула. Никола знаеше да каже: „Тоа е сѐ народе“!?! Зарем?
Ако некаде горе на небото, Никола можат да допрат нашите „фокусарски“ пораки, биди убеден дека твојата последна битка за опстанокот на „Фокус“ сега е наш императив! При нашиот последен разговор го чувствував Твојот немир во душата… Барем сега, драг мој пријателе, почивај во мир!
Во име на неговата силна жена, Билјана Младенова, од срцето на сите новинари на „Фокус“, од мене лично, благодарност до сите колеги, пријатели и политичари кои некогаш беа наша мета, а денеска беа со нас при последната разделба со нашиот Никола. Им благодариме и на оние другите, оти барем не беа лицемерни.
Тие веројатно нема да ја разберат ниту изјавата на американската амбасада и господинот Волерс, дека „ироничните, духовитите и понекогаш саркастичните опсервации на Никола, беа важен дел од неговата искрена проверка на општеството, што е толку важно за постоење на еден отворен и динамичен јавен дијалог“!
П.С. Многу добро го познавав Никола и мислам дека тој сега би сакал да изразам особена благодарност до семејството Мукаетови и „Алкалоид“, кои за него беа вистински херои. Кога го стартуваше „Фокус“ во 1995 година, кога никој немаше храброст да се огласува во „весникот на надворешниот и внатрешниот непријател“, тие влегоа во тој ризичен потег. Тоа ептен многу му значеше!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.