Во експлозија на бомбаш-самоубиец во преполн пазар во Ирак, загинаа најмалку 90 луѓе, во најкрвавиот напад на ИСИС откако ја презеде контролата врз големи делови на земјата.
Силата на експлозијата срамнила со земја неколку згради во градот Кан Бани Саад, на околу 30 километри североисточно од Багдад, смачкувајќи ги луѓето што го прославувале крајот на муслиманскиот месец на постот Рамазан, соопштија полицијата и медицинските лица, пренесе Ројтерс.
Налутената толпа по експлозијата почнала од тага и лутина да ги крши прозорците на автомобилите паркирани на улицата.
„Некои луѓе ги собираа деловите од детски тела во кутии за зеленчук“, изјави шефот на полицијата Ахмед ал Тамими од местото на експлозијата, опишувајќи го оштетувањето на пазарот како „катастрофално“.
Полицаец од Дијала рече дека тие сè уште извлекуваат тела од под урнатините, така што бројот на мртвите може да се зголеми.
Во соопштение на Твитер ИСИС напиша дека нападот бил организиран како одмазда за убивањето сунитски муслимани во северен Ирак и дека бомбашот носел три тони експлозив.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.