Кире Наумов, поранешниот советник на Бранко Црвенковски и екс директор на Агенцијата за разузнавање најавува кандидатура за лидерската позиција во СДСМ. По дебаклот кој го доживеа опозицијата на Локалните избори, Наумов, во интервју за неделникот „Република“вели:
–Веќе подолг период многу членови на СДСМ ми приоѓаат и ми изразуваат поддршка за ставовите што ги искажувам во јавноста. Не само тие што се познаваме од периодот кога бев член на Централниот одбор на СДСМ, туку и многу со кои лично не се познавам. Тоа ми дава за право да размислувам за многу поактивно вклучување затоа што искрено сакам и се чувствувам подготвен да ѝ помогнам на партијата. Доколку постапката за кандидирање на мајскиот конгрес се води така како што кажав пред малку, се остави минимум фер игра внатре, се овозможи претставување во општинските организации и делегатите за тоа како јас ја замислувам СДСМ во иднина, не ја исклучувам можноста да бидам кандидат.
Во интервјуто објавено во најновиот број на неделникот, што од денес е во продажба вели дека неговата одлука не зависи од кандидатурата на Црвенковски, туку исклучително од тоа дали ќе биде овозможено процедурата за кандидирање и избор да биде во рамките на Статутот и на правилниците.
На прашањето што треба СДСМ да направи за да имаме добра опозиција во земјава, вели:
СДСМ мора да ја добие својата легитимност, не само со критика на оваа власт, туку со програма што ќе покаже дека ја добива легитимноста. СДСМ мора да стане необична политичка елита. Треба прво да се врати на тоа што го има загубено – идеолошката матрица.Во последните четири години има променет однос кон меѓунационалните прашања, пред сѐ кон Албанците. Нејасен или погрешен однос кон сите маргинализирани групи во општеството. СДСМ има нејасен и променлив став за прашањето на името. Потоа отвореноста, да продуцира пријатели, а не непријатели.Тука мислам на новинарите и на медиумите, интелектуалците, деловната заедница. Со такво приближување кон народот можете да ја делегитимирате власта и кај народот да се претставите како партија што работи за потребите на граѓаните и на нивните интереси. Основа на сево ова е економската политика. Мора по конгресот да се направи програма, во која ударно место ќе има економијата. Да се објасни дека тоа што се случува сега во оваа власт е нејзината основна делегитимност. Имате висок степен на социјална сигурност, но без економска власт. Исплаќате пензии, плати, субвенции, но тоа не го правите врз некоја база, која можете да ја соберете од даноци, туку го правите врз основа на задолжувања. СДСМ треба да покаже дека ќе има социјална сигурност и поголема од оваа сега, но ќе се темели на економска база, економијата ќе создава средства. Вака како што работи ВМРО-ДПМНЕ на социјална сигурност без економска база е начинот на кој пропадна социјализмот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.