| четврток, 6 декември 2018 |

Бундестагот го одобри договорот со Грција

Долниот дом на германскиот Парламент, Бундестагот денеска на вонредна седница, по жестока дебата, го одобри договорот на кредиторите со Грција, со што се отвора можност за отпочнување преговири за трет пакет помош на Атина во вредност од 86 милијарди евра.

„За“ усвојување на договорот се изјаснија 439 пратеници во Бундестагот, „против“ беа 109, а 40 беа воздржани.

Германија е една од неколкуте земји-членки на еврозоната, чии парламенти треба да го одобрат договорот со Грција, пред да стапи во сила.

На гласањето во Бундестгот му претходеше жестока расправа во која учествуваше и германската канцеларака Ангела Меркел, која ги повика пратениците да покажат солидарност и компромис за да и се помогне на Грција „да застане на нозе“, бидејќи алтернативата на тоа, како што рече, би бил хаос, како во Грција, така и во Европа.

– Ние сакаме Грција да остане во еврозоната. Наспроти енормните грчки напори, стои енормната солидарност на Европа, посочи Меркел.

Таа нагласи дека еврото е повеќе од валута и оти на Европа и е потребна способност за компромис.

Германскиот вицеканцелар и шеф на Социјалдемократската партија (СПД), Зигмар Габријел во обраќањето побара крај на дебатата за „грекзит“, односно идејата Грција да ја напушти еврозоната.

Тој наведе дека кај народот постои голема скепса поради тоа, но потенцира оти „Германија е една силна, но и сочувствителна земја“.

Министерот за финансии Волфганг Шојбле пак нагласи дека Грција досега не ги исполнила ветувањата и дека ова е последен обид „за решавање на тешката задача“.

Тој се заложи за понатамошни преговори со Грција, додавајќи оти по преговорите може да се знае каква ќе биде ситуацијата.

Претходно денеска, договорот го одобрија и парламентите на Шведска и Австрија, а во средата доцна вечерта тоа го стори и грчкиот Законодавен дом.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top