| четврток, 6 декември 2018 |

Пандев гласал за Мурињо, ФФМ се извини поради техничката грешка

Капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев, гласал за Жозе Мурињо при изборот на ФИФА за најдобар тренер во 2012 година, а поради техничка грешка на ФФМ, на ливчето е заокружен Висенте дел Боске.

Со соопштение на својата веб-страница, ФФМ се извинува за пропустот.

„Фудбалската федерација на Македонија ја користи оваа пригода да го пренесе својот став за гласините и шпекулациите, кои неправедно беа насочени кон капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, Горан Пандев, при гласањето во изборот на ФИФА за најдобар тренер за 2012 година.

Имено, кога прашалникот за гласање, испратен од ФИФА, за избор на најдобар фудбалер и тренер пристигна во Фудбалската федерација на Македонија, капитенот на репрезентацијата Горан Пандев беше контактиран за потврда на неговиот избор во двете категории.

Горан Пандев усно  потврди кој е неговиот избор во категориите. Капитенот на репрезенацијата го избра Жозе Мурињо за најдобар тренер за 2012 година. Во гласањето, Горан Пандев му даде 5 поени на Жозе Мурињо.

Сепак, при пополнувањето на прашалникот поради техничка грешка, без каква било намера да се злоупотреби изборот на Пандев, беше обележано името на Висенте дел Боске. Следниот ден, прашалникот беше испратен до ФИФА. Станува збор за техничка грешка. Јасно е дека Горан Пандев својот глас го дава за Жозе Мурињо.

Ја користиме оваа пригода да упатиме извинување до ФИФА, Жозе Мурињо и до нашиот капитен Горан Пандев за непријатноста на која беа изложени. Се надеваме дека последиците не се од големи размери и немаат големо влијание врз изборот за најдобар тренер“, стои во соопштението на ФФМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top