„Постојат многу ако, но факт е дека не го постигнавме посакуваниот резултат. АПОЕЛ заслужи да постигне барем еден гол и е подобар тим од Вардар. Ако го искористат квалитетот играчите на нашиот шампион ќе минат понатаму. Сепак мора да се каже дека целта на првиот меч не е постигната“ пишуваат кипарските медиуми.
Вардар успеа да обезбеди поволен резултат без голови од првиот меч и сега ја има меч топката на свој терен. Добро е што Кипраните очигледно не го познаваат скопскиот пекол, и не знаат како е да се игра пред 30-на илјади бучни навивачи на Вардар. Сега македонскиот шампион ќе ја има поддршката од трибините, што е само дополнителен мотив за добра игра и подвиг на „црвено-црните“.
„Вардар ми е матичен клуб и знам каква атмосфера можат да направат навивачите. Добар резултат е предизвик за полни трибини, а кога е така во што не се сомневам дека капацитетот ќе биде максимално исполнет на Филип втори арена, амбиентот е пеколен. Тоа ќе даде крилја за добар резултат во реваншот“, вели Иван Тричковски.
Тој играше и за АПОЕЛ и тоа со генерацијата која пред три години постигна историски успех со пласманот во четвртфиналето во ЛШ.
Добро е што и вардарци и покрај добриот резултат во Никозија не се залетуваат. Знаат дека има реванш на кој ќе се одлучува за патникот во третата квалификациска рунда и беа умерени во изјавите по мечот на „ГСП арена“ во Никозија.
„Горд сум што успеав да одбранам неколку удари на противникот и да му донесам на Вардар позитивен резултат пред реваншот. И покрај провокациите кои ги имавме од публиката, успеавме да оствариме добар резултат. Што се однесува до вториот меч, сметам дека ќе биде сега уште потешко. На вакви натпревари одлучува само еден момент. Мораме да бидеме уште подобри и се надевам дека ќе поминеме понатаму. Тоа го посакуваме, и верувам дека можеме да ја оствариме целта“, вели јунакот од првиот меч, Томе Пачовски.
Во сличен стил се и изјавите на останатите вардарови играчи, што значи дека се свесни за тежината на задачата во вторник од 20 часот во реваншот против АПОЕЛ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.