Во рамките на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на Европската мрежа за книжевност и книги Традуки и Градот Скопје, во Скопје во текот на јули престојува поетесата и преведувачка Дениса Дуран од Романија.
Во чест на гостинката, на 15 јули, среда, во 20 и 30 часот ќе одржиме поетска вечер, во Мобилната/монтажна галерија, во Паркот на франкофонијата во Скопје. Освен за нејзиното творештво, со авторот ќе поразговараме и за состојбите на книжевната сцена во Романија. Авторката ќе се осврне и на другите свои книжевни активности, преведувањето на современи светски поети, како и на работа во Романскиот културен институт, кој е организатор на многу гостувања и меѓународни соработки од областа на книжевноста.
Дениса Дуран е романска поетеса и преведувачка која живее и работи во Букурешт. Родена е во семејство на писатели во 1980 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Букурешт, а магистрирала на тема за звуковната поезија. Има работено како новинар, уредник и преведувач за многу списанија. Од 2007 година работи во Романскиот културен институт во Букурешт, институција специјализирана за промоција на романската култура и организатор на многу манифестации и културни соработки.
Нејзината прва збирка поезија Фуфи и механичкото се појави во 2003 година и ја освои наградата за најдобро дебитантско дело на Друштвото на писатели на Романија. Нејзината втора збирка песни Луѓе за една употреба излезе двојазично, на романски и англиски, во Ирска од страна на угледниот Галвеј Принт во 2009 година. Објавувањето на песните беше проследено со поетска турнеја во четирите најголеми градови во Ирска. Во 2012 година ја објави третата збирка поезија, Сѐ уште сум млада, од која неколку песни влегоа во Антологијата на најубави песни за 2012. Нејзината последна книга песни се појави во 2014 година Ми се спие, но ти правам друштво со илустрации од уметничката Флореа Тутујану.
За поезијата на Дениса Дуран има преку дваесет критики, а нејзиното творештво било вклучено во пет студии на современата романска литература. Таа има учествувано на многу фестивали и претставувања на романската поезија во странство. Песните и се вклучени во неколку антологии. Дениса Дуран минатата година на романски го преведе Никола Маџиров при што неговите песни излегоа во неколку романски списанија. Нејзиниот престој во Македонија ќе го искористи да се запознае со македонската книжевност и да продолжи да преведедува и да застапува македонски поети во романските книжевни кругови. Покрај другото, на резиденцијата ќе го создава поетскиот циклус за својата нова збирка поезија, во која главна преокупација ќе и биде копнежот и осаменоста, а поетски ќе го изрази преку три лирски субјекти, еден женски (јас) и два машки гласа (ти), истражувајќи колку далечината може да се скрати со зборовите, а да се оддолжи со тишината и колку заедништвото може да се зајакне со тишината, а да се уништи со зборовите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.