На 16 јуни почнува 13. издание на „Пивофест“ во Прилеп. Многу музика, скара и пиво. Градоначалникот Марјан Ристески верува дека и годинава градот ќе биде преполн, а гостите ќе си заминат задоволни по добрата забава, вкусната храна и ладното пиво.
Спој на музика за сечиј вкус, спој на генерации и многу пиво. Дали Прилеп е подготвен за претстојниот „Пивофест“?
Ристески: Како и секоја година, така и оваа, максимално се подготвуваме за организација на, дефинитивно, најголемиот фестивал во Македонија кој се случува во текот на годината. Прилепскиот „Пивофест“ е голем туристички бренд, не само на Прилеп, туку и на Македонија. За него знаат луѓето секаде на Балканот, влезен е во туристичката карта на фестивали на пиво заедно со „Октоберфест“, фестивалот на пиво во Белград и други познати фестивали.
Годинава е 13. по ред. Суеверни ли сте околу тринаесетката?
Ристески: Тринаесетката за нас е среќен број и мислам дека ќе биде најдоброорганизиран и најпосетен фестивал досега. Локалната самоуправа се грижи за тоа, заедно со двете најголеми пиварници во Македонија, „Прилепска пиварница“ и „Скопска пивара“. Невладината организација „Центар за граѓанска иницијатива“ е еден од организаторите. Тука се и угостителите и дистрибутерите на пиво кои имаат прекрасни штандови, како и прилепчани и деловниот сектор кој со донации го поддржува „Пивофест“.
Слаткаристика, „Љубојна“, Ковачевиќ, „Радио актрив“, „ДНК“, „Прљаво казалиште“, Украден, Драгоевиќ, Тржан, Мерлин, Наум Петрески – ова се дел од гостите. Која е ѕвездата што не настапила во Прилеп, а Вие сакате да ја видите на сцената?
Ристески: Мојот вкус за музика е малку поинаков, слушам алтернативна музика, годинава „Прљаво казалиште“ се мој тип музика. Меѓутоа, со задоволство би ги слушал и Оливер Драгоевиќ и Дино Мерлин бидејќи тоа се песни од нашето време, пораснавме со нив, а ги знаат и младите генерации. Јас не ја избирам музиката, музиката ја избираат граѓаните. Ние сме единствен фестивал кој музичките ѕвезди и гости на главната бина ги избира по пат на јавна анкета. Ова е фестивал на пивото и треба да бидат задоволени сите вкусови. Значи, од народна музика, поп-музика, техно… Годинава и Ален Хасановиќ настапува, тој е и наша гордост, прилепчанец. Ќе има и изненадувања. Посветуваме внимание и на нашите нови ѕвезди кои излегуваат на македонската музичка сцена. На Даниел Кајмакоски првиот официјален настап пред многу публика му беше во Прилеп.
Имаше критика околу плаќањето, односно дека македонските ѕвезди не се платени толку колку што се балканските. Како ги коментирате таквите обвинувања?
Ристески: Плаќањето се договара со менаџери. Во трите најголеми фестивали на Балканот влегува и „Пивофест“. „Гуча“ и „Егзит“ располагаат со 5-6 милиони евра буџет кој го трошат за организација, за покана на сите ѕвезди што настапуваат. За „Пивофест“ секоја година има околу 150-160 илјади евра. Со тие средства гледаме да повикаме големи ѕвезди. Колку е поголема ѕвездата, нормално е дека чини и повеќе пари. На „Пивофест“ се поставува голема сцена, една од најголемите што се поставуваат на овие простори, и со многу екрани за да може стоилјадната публика да следи што се случува на главната сцена. Сето тоа бара навистина и финансиски средства и голема организација. 150.000 или 160.000 евра е многу малку во однос на економската придобивка што ја носи овој фестивал.
Бенефит за Прилеп, но и за околните градови.
Ристески: Тие 300-400 илјади гости што доаѓаат, минимално да остават по 10 евра, доаѓаме до бројка од 3,5-4 милиони евра, кои би се слеале во Општината, не во касата на Општината. Имаат бенефит угостителите, хотелиерите, таксистите. Во Крушево и во Битола се полни капацитетите. Тие средства остануваат во регионот. Оттука индиректно со плаќање на локалните даноци и такси, има бенефит и Општината, па тие средства натаму се користат за граѓаните, да изградиме некое училиште, да направиме некој парк, канализација, водовод… Едноставно, во организацијата на фестивалот на пивото е инволвиран целиот град и сите граѓани. Прилепчани се гостопримлив народ, го почитуваат правилото да не излегуваат со сопствени моторни возила за да им оставиме простор на гостите што ни доаѓаат. Едноставно, „Пивофест“ е слава на градот и на регионот.
Отворен е камп кој нуди дополнително сместување за тие што сакаат, а неретко се сретнуваат и странци кои летниот одмор го поминуваат токму на кампување по големи фестивали.
Ристески: Бесплатниот камп во „Паркот на револуцијата“, под дебела ладовина, е одлична идеја која ја спроведуваме неколку години. Камперите добиваат бесплатна чорба. Лани имаше поставено преку 300 шатори. Има кампери од различни држави, Германија, Холандија, Данска, Америка, гости од Австралија, Кина, Јапонија, како и од соседството. Тоа се тие што си прават тури низ Европа, слушнале дека има настан во Македонија, во Прилеп, и си доаѓаат. Голем дел од нив ќе останат повеќе од четири дена во Македонија. Ќе одат до Охрид, до Скопје, до Битола. Едноставно тоа е и целта, промоција на Македонија на туристичката карта на светот. Прилеп многу малку внимание посветуваше на туризмот до пред десетина години. Во Македонија порано ако имате езеро, можете да развивате туризам, меѓутоа алтернативниот туризам беше запоставен, не беше влезен во менталитетот на луѓето дека секој град има потенцијал да развива туризам во однос на ресурсите што ги има. Решивме Прилеп да го направиме фестивалски центар, да имаме фестивали во текот на различни периоди од годината.
Што ќе биде отворено за посета за туристите, за сите Македонци што доаѓаат и за нашите иселеници од странство кои многу често се решаваат токму за време на фестивалот да бидат во Прилеп?
Ристески: Во текот на денот луѓето можат да посетат многу знаменитости. „Паркот на револуцијата“ е одлично место за посета, Старата чаршија – симболот на градот и градскиот часовник, кој личи на Кривата кула во Пиза, навистина е туристичка атракција. Имаме преубави манастири кои можат да ги посетат – „Св. Архангел Михаил“, Трескавец, манастирот „Зрзе“ е во близина, потоа археолошки локалитети. Музејот на тутун е единствен на Балканот од таков вид, го имаме Музејот на антифашистичка револуција, ја имаме Галеријата на икони, Археолошкиот музеј и ред други работи, споменици, спомен-обележја и карактеристики на градот што можат да се посетат. Посебно вкусна е прилепската скара, специјалитетите во Прилеп, ширденот, традицијата, Старата чаршија, конкурентните цени, бутиците навистина имаат преубава гардероба со многу евтини цени, Зелен пазар. Пропратно на фестивалот на пиво имаме и многубројни други манифестации, како изложби, натпревар во најбрзо пиење пиво, најдобро селфи, најбрз келнер итн. „Пивофест“ има и забава по забавата. Главната забава трае до 1 часот по полноќ, а потоа продолжува забавата на другата бина од 1 до 5 часот, тоа е ѕидот на околу 50 метри од главната бина каде што секогаш имаме добри диџеи, добра забава.
Забава која трае до раните утрински часови, по што градот се средува и е подготвен за другиот ден…
Ристески: Се чудат сите што биле присутни на „Пивофест“ – многу народ е и нормално многу отпадоци. Но, во раните утрински часови, во 6 часот, да поминете низ градот, тој е чист како да не се случувал настан на кој имало 100 илјади посетители. Тука за пофалба се и јавните претпријатија „Комуналец“, „Паркинзи“, „Водовод и канализација“. Нема проблеми со електричната енергија. Значи, сѐ функционира беспрекорно, меѓутоа верувајте оваа организација не се прави за една недела, ниту за еден месец. Ние кога ќе заврши еден „Пивофест“, веќе од наредниот ден почнуваме да го подготвуваме наредниот фестивал.
Се пишуваше дека се наплатува влез во градот, за паркинг-услуги се наплаќале енормно високи цени. Дали прилепчани се обидуваат нечесно да заработат на „Пивофест“?
Ристески: Настојуваме да има беспрекорен влез во градот и излез од градот, да можат луѓето да паркираат, да биде хигиената на високо ниво, инспекциските служби да работат, да нема некои несакани последици поради големите жештини во тој период. Многу тешко е да се исконтролира толкав број возила. Кога има настапи на поголеми ѕвезди, имаме преку 20 илјади моторни возила кои од страна влегуваат во градот и тука треба да има ред. Затоа возилата се пречекуваат уште на влезот, се плаќа тој паркинг-простор уште на влезот и возилото си се упатува точно на паркингот каде што може да остане и четири дена, не е проблем. Сто денари за цел ден стоење на возилото не е многу. Од друга страна, концертите се бесплатни. Годинава главна ѕвезда е Дино Мерлин. Знаеме дека билетот за настапот во „Борис Трајковски“ беше 1.200, 1.500 денари. Овде го гледаат луѓето бесплатно.
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)