| четврток, 6 декември 2018 |

„Кармина Бурана“ го отвора 55. „Охридско лето“

На сцената на Античкиот театар во Охрид, утревечер во 21 часот по 55. пат ќе започне да се одржува Фестивалот „Охридско летo“. Во Охрид пристигнаа сите членови од екипата на шпанската продукциска куќа „Ла фура делс Баус“ која заедно со Македонската филхармонија и Македонската опера и балет на отворањето ќе го изведе мултимедијалното дело „Кармина Бурана“ од Карл Орф.

ohridskoleto

 

Бројката на учесниците на сцена ќе биде импозантна. Ќе има огромен сад со вода, ќе има движења надополнети со учесниците-солисти во самиот проект, балетски точки, пеење. Според најавите, во еден момент публиката ќе може да добие впечаток дека луѓето лебдат. За визуелните ефекти се инсталира најсовремена видео, светлосна и аудио опрема. Впечатокот ќе се надополнува со звучници од 10.000 вати, со големи ЛЕД-ѕидови, со ротирачки светла, со аудиомиксета со можност за озвучување на над 100 артисти.
Грандиозниот мултимедијален проект „Кармина Бурана“ во најавената форма за прв пат ќе биде изведен не само во Македонија, туку и во регионот. Најавен е и како голема атракција за љубителите на музиката. Заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и на оркестарот и хорот на Македонската опера и балет, ќе настапат тројцата врвни оперски уметници: сопранистката Беатрис Дијаз и баритонот Хозе Мануел Дијаз од Шпанија, рускиот контратенор Васил Корошев, како и шпанската актерка Лука Еспиноза. Сите тие под диригентската палка на диригентот Џозеп Вицент.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top