Српскиот премиер Александар Вучиќ денеска беше лесно ранет од удар со камен во лицето за време на комеморацијата за одбележување на 20 години од трагедијата во Сребреница, пишува весникот „Блиц“.

Вучиќ и лицата, кои го придружуваа се евакуирани и се на пат кон Белград, додава весникот.
На влезот на гробиштата, каде се погребани посмртните останки на жртвите, разлутена група граѓани ја проби заштитната ограда и се упатија кон Вучиќ и неговата делегација, фрлајќи кон нив со камења, шишиња и чевли.
– Беше страшно, не гаѓаа со што ќе стигнеа, изјави член на делегацијата на Србија.
Според него тие извикувале „Четнику, врати се дома“ и „Алах е голем“.
Српскиот премиер беше исвиркан и од дел од присутните на комеморацијата во Меморијалниот центар.
Вучиќ претходно денеска запишувајќи се во Книгата на жалоста изрази најдлабоко почитување кон жртвите на злосторствата во Сребреница и порача дека оваа трагедија никогаш не смее да се заборави, како и дека е време да почне да се гради поинаква иднина на српскиот и бошњачкиот народ.
– Се надевам дека вакво ужасно злосторство повеќе никогаш нема да се случи. Верувам во поинаква и подобра иднина во односите меѓу српскиот и бошњачкиот народ и изразувам најдлабоко почитување кон сите жртви, нивните семејства, напиша српскиот премиер во Книгата на жалост.

– Тука во Сребреница обврска на секој од нас е да ја наведнеме главата и да не заборавиме и да почнеме да создаваме поинаква иднина, порача Вучиќ.
– Потрагата по оние кои не се пронајдени ќе продолжи, а правдата ќе ги стигне одговорните, додаде Елијасон.
Тој уште нагласи дека омразата не се враќа со омраза и дека сите заедно треба да изградат еден подобар свет и иднина за сите.
Пред присутните се обрати и премиерот на Турција Ахмет Давутоглу, кој порача дека геноцидот кој се случил во Сребреница не смее повеќе никогаш да се повтори, забележувајќи дека „оние кои убиле осум илјади мажи го убиле целото човештво“.
Наведувајќи дека постои и етичка димензија во трагичните случувања од пред 20 години, Давутоглу потсети дека меѓународната заедница не била во состојба да го спречи злосторството.
Давутоглу додаде дека земјите во регионот мора да се обединат во напорите за подобра соработка, не заборавајќи при тоа што се случило во Сребреница, но и да не пропагираат омраза и одмазда.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)


