
Колумнист: Горан Момироски
Македонија не е единствена на Балканот што има проблеми со земјите што ја опкружуваат. Поради историски нерешени прашања или наплив на национализам и на популизам во институциите, сите балкански земји имаат по неколку отворени прашања со своите соседи. За разлика од спорот Словенија – Хрватска, кој пред неколку години беше решен со посредство на Европската унија, во регионот има уште многу нерешени спорови, кои можат да влијаат на „бурето барут“. Примерите на Грција со Турција, Албанија со Грција, Бугарија со Македонија, Босна со Србија, сепак се многу помалку експлозивни од косовскиот проблем. Косово во моментов има три отворени територијални спорови. Иако едниот од нив, тој со Македонија, формално е затворен и e спроведенo обележувањето на границата, јасно е дека, особено по кумановските настани, кога косовската граница беше затворена само од македонска страна, оваа граница не е прифатена од поголемиот дел од политичарите, граѓаните и, пред сѐ, од криминалците на Косово. Една од причините зошто во последниве десетина години по воениот конфликт во 2001 година и по обележување на границата таму немало инциденти е „мекиот однос“ на македонските власти кон кршењето на граничните правила од разни групи, пред сѐ поради локалното население, кое е најмалку виновно што живее во овој тешко пристапен и економски неразвиен предел, без соодветни патишта и придобивки, како брз интернет. Колку оваа состојба е само привидно стабилна покажаа неколку настани во последниве пет години. Првиот е информација на влијателниот британски весник „Фајненшел тајмс“, кој во 2010 година објави дека екс-пратеникот во македонскиот парламент Џезаир Шакири, алијас командант Хоџа, прогласил слободна територија затоа што македонската држава му правела само проблеми. Вториот настан е неговата јавна заклетва или на албански „беса“ дека ќе го гони лидерот на ДУИ Али Ахмети за тоа што му го направил на неговиот другар командант Соколи во Куманово. Третиот и, можеби, најважен доказ дека договорот за бележење на границата со Косово е, практично, неупотреблив е влезот и излезот на вооружената група, прво за време на инцидентот со караулата кај Гошинце, а потоа и влезот на криминалната група во Куманово. Најголем дел од оваа група во градот влегла преку илегалните гранични премини меѓу стратегиското место Кодра Фура и селото Лојане. Иако многумина командантот Хоџа го сметаат за несериозен човек, кој за британските медиуми лажел дека неговите луѓе пукале во хеликоптер на АРМ кај Танушевци, сепак мора да се знае дека овој поранешен припадник на ОНА е некрунисан крал на Карадак, како што Албанците го нарекуваат овој крај, и дека граничните камења на македонско – косовската граница беа поставени дури откако на инсистирање на косовските власти неговата група вети дека нема да ги крши.
Инаку, Шакири неколку години беше во бегство, откако МВР имаше издадено потерница по него поради киднапирање. Се разбира, овој поранешен припадник на ОНА не претставува никаква опасност за Македонија ако нема цврсти врски со косовските власти, без разлика дали се тие под контрола на партијата на Хашим Тачи или на Рамуш Харадинај. Вештината на командантот со години успешно да се крие од македонските власти, а од Косово за тамошните медиуми да дава изјави дека Ахмети ќе плати со својот живот за нешто што нему не му се допаѓа, ја покажува реалната слика за начинот на кој се решени територијалните односи меѓу Косово и Македонија. Да не заборавиме, и косовските власти и европската полиција таму ја имаа добиено потерницата за Шакири, но тој никогаш не беше приведен иако на Косово има имот и слободно се движи, па дури има и јавни настапи. Несомнено е дека Шакири има апсолутна поддршка од своите поранешни колеги од УЧК и дека тој уште долго ќе претставува фактор од кој зависи порозноста на македонско – косовската граница, што е неприфатливо за земја што еден ден сака да биде дел од шенгенската зоната.
Територијалниот спор на Косово со Црна Гора
Со колку емоции во најмладата европска држава се пристапува кон решавање на отворените територијални спорови со соседите деновиве можевме да видиме од резолуцијата на косовскиот парламент за докрај нерасчистените имотно-правни односи со Црна Гора.
Година и пол откако двајцата министри за надворешни работи најавија дека договорот за обележување на границата е готов и треба да се потпише, работите отидоа во сосема друга насока и двете земји дојдоа во конфликт, кој засега е само вербален. Со резолуцијата се бара границата со Црна Гора да биде таа што е предвидена со Уставот на СФРЈ од 1974 година, а неа ја поддржаа сите албански пратеници присутни во Собранието на Косово, со исклучок на српските пратеници, кои беа против. Документот го предложи пратеничка од партијата на Рамуш Харадинај, која е во опозиција и, се разбира, ја прифатија сите партии на Албанците затоа што, во спротивно, ќе беа прогласени за предавници. И покрај тоа што шефот на дипломатијата Хашим Тачи потсети дека Црна Гора меѓу првите го призна Косово и помогна во 1999 година, сепак неговата партија гласаше за враќање на околу 12 илјади хектари земја одземена од Црна Гора во близина на Пеќ. Тамошните жители сметаат дека Црна Гора влегла 40 километри во територијата на Косово и дека земјата мора да им биде вратена на вистинските сопственици. Тие сега најавуваат радикализација на протестите, а се споменуваат и блокади на патиштата, па дури и забрана за транспорт на црногорски возила додека да се реши проблемот. Како одговор на резолуцијата, дел од радикалните црногорски субјекти веднаш најавија формирање одреди со доброволци, кои ќе ја спасуваат црногорската земја, што засега, сепак, не може да иницира сериозни инциденти меѓу двете држави.

Српската граница е многу поопасна
Косовските пратеници за време на расправата за Црна Гора споменале дека, според рецептот даден со Уставот од 1974 година, треба да се решава и спорот за границата со Србија. Се разбира, овде работите се многу покомпликувани затоа што Косово под свое владение нема речиси две осмини од својата територија, која се наоѓа на северот на Косово во српските општини. Многумина на Косово сѐ уште живеат со надеж дека еден ден ќе се повтори погромот врз српските граѓани што се случи во 2004 година, кога илјадници Срби и неалбанци беа протерани или убиени од енклавите во централниот дел на Косово.
Радикалните фактори, како движењето „Самоопределување“, се залагаат за воена и за полициска акција по урнек на хрватската „Бура“ во 2005 година, кога Загреб ги врати своите територии окупирани од Србите во Хрватска. Ова, според голем број регионални и меѓународни аналитичари, е една од главните опасности за мирот во регионот на среднорочен план. Иако засега состојбата се држи под контрола, јасно е дека ниту САД ниту ЕУ ќе немаат моќ да го запрат спроведувањето на оваа идеја кога Косово ќе се почувствува дека е доволно силно да ги отстрани паравоените и параполициски формации, кои со помош на Белград се на штрек на другата страна на реката Ибар. Слична е состојбата на српско-косовската граница во регионот на Медвеѓа – Прешево – Бујановац каде што живее значителен број Албанци. Тоа што засега ѝ оди на рака на српската жандармерија, која е распоредена таму, е огромниот број Албанци што се иселуваат во ЕУ. За разлика од косовските Албанци, кои немаат можност да патуваат во членките на ЕУ во рамки на визната либерализација, Албанците од југот на Србија масовно ја користат можноста двапати во годината, а вкупно шест месеци, да престојуваат кај свои роднини и пријатели (читај да работат на црно) во некоја од членките на ЕУ. Лошата економска состојба во овој дел од Србија каде што нема работа и за Србите, а голем број од фабриките се затворени, само го забрзува процесот на иселување на Албанците и со тоа се намалуваат етничките тензии во регионот.
Не се само границите проблем
Состојбата во Косово не е експлозивна само поради проблемите со соседите туку, пред сѐ, поради сѐ поголемата сиромаштија во оваа поранешна српска покраина. Според статистиката од земјата што има најголем демографски прираст во Европа, само во последниве 12 месеци се иселени повеќе од 10 проценти од населението. Доколку трендот според кој во азилантско-печалбарска авантура не заминуваат само работоспособните туку и нивните деца, не запре во наредниве 10 години, Косово ќе се соочи со драматично намалување на своето население, кое е поголемо од сите земји во Југоисточна Европа каде што, на пример, Бугарија загуби повеќе од еден милион, а Романија речиси еден милиони луѓе по влезот во ЕУ. Тоа што дополнително ја влошува состојбата во земјата е големото намалување на паричните пратки од печалбарите, кои сѐ повеќе ги менуваат обичаите и место дома на Косово, своите пари ги инвестираат во земјите во кои наоѓаат подобар живот. Косово во наредниот период ќе се соочува и со задачата со судски спорови да го затвори прашањето за насилства против човештвото направени од сега видни граѓани и „херои“ од татковината војна во 1999 година. Колку притисокот од САД и од ЕУ за формирање на Специјалниот суд ќе расте, толку радикалните структури ќе имаат поголемо влијание во политиката, сметаат западните аналитичари, кои се плашат дека внатрешните тензии можат да бидат канализирани само преку конфликт со некој од соседите. Во такво сценарио Македонија е една од земјите во кои најлесно би можело да се прелее насилство од Косово. За многумина „Кумановскиот случај“ беше производ на ваква стратегија во која убиените и заробените не беа директно испратени да се борат во Куманово од косовските власти, но тие, сигурно, беа поттикнати и охрабрени да „ги бранат интересите на Албанците во Македонија“. Уште една причина за бегство на умерените Косовци покрај криминалната распределба на економските ресурси меѓу поранешните команданти на УЧК е сѐ поголемото влијание на радикални исламистички структури дури и во врвот на Косовската исламска заедница. Голем број умерени муслимани, урбано население, се плаши од повратниците од Исламската држава и од нивните правила, кои сѐ почесто јавно се наметнуваат, особено во малите средини. Косово, кое, традиционално, било поурбана заедница од македонските Албанци, на пример, не може да ги прифати средновековните толкувања на дел исламските лидери и затоа покрај масовното иселување од провинциските населени места кон Приштина, друга опција е иселување во земјите на ЕУ. Затоа огромниот број Албанци од Косово, кои конкурирале во некоја од полициските станици во Србија за српски пасош, не е никакво изненадување. Досега повеќе од 340.000 Косовци барале и добиле српски пасош со кој можат да патуваат без визи во ЕУ, што значи дека ако се изостават околу 50.000 Срби, речиси 300.000 Албанци добиле пасош со кој можат да заминат во ЕУ.
Неизбежна е верижна реакција
Иако анализите на дел од балканските медиуми во кој се зборува за некаква православна коалиција составена од православно население, а која треба да се соочи со албанска агресија, не е реална, сепак во најцрното сценарио не смее да се игнорира можноста од вклучување на сите балкански земји во евентуален конфликт на Косово со некој од соседите. За разлика од вклучувањето на Србија и на Македонија, кои, во секој случај, би биле дел од конфликт доколку Косово не може да ги контролира своите радикали, не може да се исклучи вклучување дури и на Бугарија, која за време на кумановските настани покажа дека ќе сака да ги искористи тензиите во регионот за остварување на своите стратегиски интереси. И покрај тоа што сите западни сили наведуваат дека не е можна промена на границите на Балканот, САД и ЕУ ќе мораат да подготват прецизни планови како да спречат прелевање на евентуален конфликт од една во друга земја во регионот, како што ќе мораат да се подготват и за конфронтирање со тие што за свои непријатели можат да ги прогласат НАТО и Еупол. Германската пратеничка со турско потекло токму тоа сакаше да го каже во својот говор во Бундестагот.
(Текст објавен во 148. број на неделникот Република, 3.07.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Органите на Приштина на Север од денеска не постојат: Протести во Митровица, градоначалниците поднесоа оставки!
-
Милионски штети: Србија пресмета колку ќе изгуби поради блокираната трговија со Косово
-
Се одмаздуваат на Србија: Косово воведува 100 проценти царина на српската роба
-
Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации


