| четврток, 6 декември 2018 |

Тодоровиќ: Јас обезбедувам плати за 1400 семејства, Жерновски живее на државна сметка

Андреј Жерновски со лаги се обидува да ме дискредитира, изјави кандидатот за градоначалник на Центар и актуелен градоначалник на општината, Владимир Тодоровиќ. Тој обвини дека неговиот противкандидат за општина Центар со години живее со личен доход од буџетот, а успеал да добие и три стана. Затоа, вели Тодоровиќ, Жерновски не може да се споредува со мене.

– За разлика од него, јас сам се борам за своето семејство, обезбедувам плати за 1400 семејства. Мојата компанија е најопштествено одговорна компанија. Не знам како си дозволува, со каква дрскост – да прави споредба со мене – рече Тодоровиќ.

Тој го прашува својот противкандидат дали направил нешто за заедницата и дали тоа може да се спореди со она што Тодоровиќ го има направено.

Кандидатот на владејачката коалиција му порача на Жерновски да престане да лаже.

– Позицијата градоначалник на Центар е сериозна и на таква позиција не треба да дојдат шарлатани каков што е тој. Тој вели дека мојата компанија напредува од кога сум јас влезен во политиката, што воопшто не е точно. Ние немаме ниту еден договор склучено со Владата, општините и инстутуциите кои се буџетски. Не знам како тој може да ме претставува пред јавноста на овој начин и да вели дека ја злоупотребувам позицијата – истакна Тодоровиќ.

Во врска со обвинувањата од опозицијата дека се носат гласачи од други градови за да гласаат за него, Тодоровиќ вели дека тоа е обид СДСМ да си го оправда поразот кој им претстои во вториот круг. Ако обвинуваат за нешто – порача Тодоровиќ, за тоа треба да имаат докази.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top