Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во првите пет месеци од годинава изнесува 1.751.496.000 американски долари, а на увозот 2.526.927.000 долари. Покриеноста на увозот со извоз е 69,3 отсто, а трговскиот дефицит 775.432.000 долари.
Како што соопшти Државниот завод за статистика, трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката.
Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и другите метали од платинската група и нивните легури, необработени или во облик на прав.
Во периодот јануари – мај 2015 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ28 (76,9 отсто) и земјите од Западен Балкан (11,5 проценти), а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ28 (63,3 отсто) и Останати земји, на друго место неспомнати (12 отсто).
Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија (50,8 отсто од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.