Американската администрација ќе го почитугва резултатот од референдумот во Грција и коментарот за тоа што се случи во оваа балканска земја ќе го каже кога ќе смета дека е потребно, соопшти грчкиот весник „Риалњуз“ од Вашингтон, повикувајќи се на портпарол на Белата куќа.
-Ја почитуваме демократската процедура што се одржа во Грција и одблиску ја следиме ситуацијата – изјавил портпаролот, кој се воздржал во детали да го коментира резултатот од грчкиот референдум и за таква оценка ги упатил во американското Министерство за финансии.
Портпаролот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), исто така, се воздржа од коментар.
Весникот потсетува дека извршниот директор на Фондот, Кристин Лагард, минатата недела јасно кажа дека ќе почека реториката на грчката страна да се промени по референдумот и таа да ги преземе неопходните чекори.
Ден пред оваа изјава на Лагард, Грција одби да ја плати ратата од 1,6 милијарда евра кон ММФ, со што се претвори во првата развиена земја со најголеми обврски кон Фондот во неговата 70-годишна историја.
Неделава Лагард се очекува да го свика Извршниот одбор на ММФ на специјално заседание, на кое треба да се разгледа молбата на Грција за продолжување за четири месеца на рокот за плаќање на нејзните обврски кон Фондот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.