Влијателниот американски сенатор Џон Меккејн денеска од Кабул ја критукуваше „трагедијата“, која, според него, е целосното повлекување на американските војници од Авганистан до крајот на 2016 година, пренесоа француските медиуми.
По завршувањето на својата борбена мисија во земјата во декември 2014 година НАТО таму држи 12.500 војници, од кои 10.000 се Американци, чија задача главно е да ги обучуваат своите авганистански колеги.
Американската Влада сака оваа бројка до крајот на оваа година да се намали до 8.000 војници, а целосното нивно повлекување да стане факт на 1 јануари 2017 година.
– Овде се повеќе наликува дека ќе бидат неопходни дополнителни американски ресурси како помош на авганистанските сили во нивната борба со талибанците, кои во текот на пролетта почнаа жестока офанзива – изјави Џон Меккејн на прес конференција во главниот штаб на мисијата на НАТО во Авганистан.
– Најтешката грешка што САД можат да ја направат ќе биде тоа повлекување да се случува во зависност од претходно изготвен план. Тоа ќе биде трагедија и ќе ја отвори вратата за талибанците, кои ќе можат да ја извојуваат победата во Авганистан – изјави републиканскиот сенатор.
По повод националниот ден на САД, Меккејн денеска во Кабул се сретна со американски војници и им оддаде почит на 2.200-те американски војници кои загинаа во оваа земја од почетокот на мисијата во 2001 година.
Американскиот сенатор, исто така, денеска се сретна и со авганистанскиот претседателк Ашраф Гани, кој му заблагодари за „трајната поддршка“ на САД за Авганистан, се наведува во соопштението на кабинетот на авганистанскиот претседател.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.