Најмалку 13 лица загинаа во неделата во напад на талибански бомбаш самоубиец врз воен конвој во јужната авганистанска покраина Хелманд, соопштија официјални извори.
„Бомбаш самоубиец крена во воздух автомобил полн со експлозиви додека минувал конвој на авганистанската национална војска во Нава, во покраината Хелманд“, изјавил за AFP Омар Звак, портпарол на покраинскиот гувернер, додавајќи дека жртвите се цивили и војници. Додале дека десетина лица се ранети.
Неофицијалните податоци, пак, зборуваат за поголем број настрадани. Извор од локалната болница изјавил дека примиле петнаесетина тела. Деветнаесет повредени биле примени во другите болници, додал извор кој сакал да остане анонимен.
„Повеќето загинати се припадници на авганистанските сили, а повеќето ранети се цивили“, рекол изворот за AFP.
Талибаните ја преземаа одговорноста за нападот во порака испратена до новинари преку мобилната апликација Whatsapp.
Овој напад доаѓа само неколку дена откако најмалку пет лица загинаа а повеќе десетици беа ранети кога автомобил б0мба експлодираше пред седиштето на полицијата во Хелманд. Експлозијата се случи во средата во Лашкарага, главниот град на оваа јужна авганистанска покраина, а одговорноста исто така ја преземаа талибаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.