| четврток, 6 декември 2018 |

Франција ја тресе „селанска буна“

протест

Илјадници француски земјоделци и производители на млеко протестираа во текот на минатата ноќ, главно во западниот дел на Франција, изразувајќи го своето „незадоволство“ од незголемувањето на цените на земјоделските производи, јави дописникот на МИА од Париз.

На повик на Националната федерација на синдикатите на земјоделците (ФНСЕА) и здружението Млади фармери (ЈА), земјоделците во текот на ноќта се собраа пред префектурите и хипермаркетите, создавајќи колони од по десетици трактори со приколки натоварени со слама, ѓубриво, гуми…, кои ги истурија пред префектурите и хипермаркетите.

Учесниците протестираа против неспроведувањете на постигнат договор под покровителство на Министерството за земјоделство, склучен пред две недели, со кој требаше да се покачат цените. Тие сметаат дека премногу ниската цена на месото, како на свинското, така и на говедското, не им овозможува да ги покријат своите трошоци за производство.

Според ФНСЕА, приходите на производителите на говедско месо паднале на околу 12.000 евра годишно.

Францускиот министер за земјоделство Стефан Ле Фол во средата побара од посредникот во трговските земјоделски односи, задолжен за спроведување на договорите, да види дали различните страни ги почитуваат нивните обврски за зголемување на цените што им се плаќаат на земјоделците од страна на фабриките и дистрибутерите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top