Само во првите три месеци од годинава 185.000 емигранти побарале спас во Европа, што е за 86 проценти повеќе од лани и станува јасно дека на Британија ѝ се заканува бегалска криза.
Министерството за внатрешни работи на Британија прифатило 7.300 од околу 30.000 барања за азил, или по 81 барање дневно. Таквите статистички податоци се објавени во екот на загриженоста за напливот емигранти, кои преку Средоземно Море се движат кон Италија и кон Грција.
Но, и покрај вресоците на двете земји, кои се обременети со финансиски тешкотии, тие, сепак, прифатија 18.000 барања. Оваа бројка поттикнува сомнежи дека грчките и италијанските царински власти им дозволуваат на емигрантите непречено да поминуваат за да стигнат до Велика Британија и други земји и таму да бараат азил.
Алп Мехмет од „Мигрејшан воч“ изјави дека таквата голема бројка не го изненадила и дека официјалните бројки се слични со тоа што веќе го сфативме – напливот масовно се зголемува.
Токму затоа нема да успее идејата секоја земја да прифати по неколку илјади емигранти. Тоа е само мал дел од реалната слика – колку повеќе бегалци се примаат, толку повеќе нови ќе доаѓаат.
– Сериозно мораме да размислиме како ќе го контролираме напливот – вели Мехмет.
Џерард Батен, член на УКИП, изјави:
– Ова огромно зголемување покажува дека напливот на емигранти е бесконечен, без оглед дали навистина се бегалци, или, пак, се само економски емигранти, кои доаѓаат во ЕУ. Се чини дека Италија и Грција се однесуваат само како порта што води до попривлечни делови на Европа, вклучувајќи ја и Британија. Единствен начин за соочување со напливот е да се запираат на границите на ЕУ. Ако им се дозволи да влезат во Европа, уште толку повеќе ќе надојдат – вели тој.
Според статистичките податоци објавени од „Евростат“, 184.815 баратели на азил по првпат пристигнале во првите три месеци од 2015 година – повеќе од 2.000 секој ден. Таквиот пораст е импозантен во споредба со истиот период лани, кога дошле помалку од 100.000 емигранти.
Уште поголемо изненадување е што бројката расте за време на зимските месеци, кога голем дел од копнените и морските патишта се погодени од лоши временски услови.
Најголема група бегалци претходно беа 48.900 Косовци, кои ја напуштија нивната татковина. Девет од десет од нив пребегаа во само две држави – Германија и Унгарија, а другите во Австрија и во Финска.
Иако, најверојатно, сите ќе бидат одбиени за азил, во периодот додека се разгледуваат нивните барања храната и сместувањето ќе им бидат плаќани од парите на даночните обврзници.
Следниот голем бран бегалци беа 30.000 Сиријци и 13.000 Авганистанци.
Бројката од 7.335 барања што Британија ги прифати во периодот од јануари до март годинава претставува зголемување од четири проценти на годишно ниво и е повеќе од бројката на одобрени барања во 16 други земји-членки на ЕУ заедно.
Според „Евростат“, најчести баратели на азил во Британија се луѓе од Пакистан, Еритреја и од Сирија. Германија прифати најмногу бегалци – повеќе од 73.000, а по неа е Унгарија со 33.000 одобрени барања. Двете земји примија и по околу 22.000 Косовци.
На бреговите на Италија стапнаа најмалку 50.000 емигранти, но – за изненадување – таа вдоми само околу 15.000, што говори дека огромен број ја напуштиле земјата без да побараат азил на нејзина територија.
Грција, која, исто така, тврди дека се бори за да се соочи со речиси ист број бегалци како и Италија, прифати помалку барања од Британија – само 2.610.
Според законите на ЕУ, бегалците мора да побараат азил во првата земја-членка на ЕУ во која ќе стапнат. Условите во Грција се толку лоши, што Обединетото Кралство мораше да го откаже трансферот на барателите на азил назад во Грција и сега ги обработува нивните барања во Британија бидејќи европските судии го наложија тоа за да не се прекршат човековите права.
Бројките што ги објави „Евростат“ на почетокот од јуни говорат дека Британија лани прифатила повеќе од 14.000 бегалци, со што е на петто место во Европа.
На самитот на лидери на ЕУ во Брисел следната недела Дејвид Камерон и Ангела Меркел ќе се надмудруваат околу тоа кој е најдобар начин да се соочат со најголемиот наплив од бегалци што се движат кон ЕУ од деведесеттите години, па наваму.
Официјалната позиција на Британија останува дека е против каков било обид за воведување квота за прифаќање бегалци.
Извор: „Експрес“
Превод: Марија Манасиева
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Органите на Приштина на Север од денеска не постојат: Протести во Митровица, градоначалниците поднесоа оставки!
-
Милионски штети: Србија пресмета колку ќе изгуби поради блокираната трговија со Косово
-
Се одмаздуваат на Србија: Косово воведува 100 проценти царина на српската роба
-
Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации