| четврток, 6 декември 2018 |

Бејли: За напредок е потребна посветеност на вредностите на демократијата

bejli

Развојот на демократијата е од клучно значење за напредокот на државата, порача синоќа американскиот амбасадор Џес Бејли на свеченоста што Амбасадата ја организираше по повод 4 јули – Денот на независноста на САД.

– Нашите нации имаат многу заеднички нешта. Ние сме мултиетнички земји кои не се дефинирани од една етничка група и еден јазик. Оваа разновидност е извор на сила, која во исто време поставува предизвици кои мора да продолжиме да ги надминуваме. За да постигнеме напредок, мора да работиме заедно, односно секојдневно да сме посветени на вредностите на демократијата. „Ние народот“ и „посовршено обединување“ се фрази кои одекнуваат кај Американците, но исто така се однесуваат и на народот на оваа млада демократија. Американците се горди што се пријатели и партнери на народот на Македонија, додеака тие се стремат да создадат просперитетна, динамична и мултиетничка демократија – рече Бејли.

На свеченоста на која присуствуваше целиот македонски државен врв, министри, пратеници, претставници на институции, политички партии, НВО, на верските заедницви, дипломатскиот кор, амбасадорот Бејли истакна дека годинава прославата е во знакот на одбележување 20 години од воспоставување на дипломатските односи меѓу САД и Република Македонија.

– Оваа година додека ја славиме 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Соединетите Американски Држави и Македонија, се потсетуваме на нашето партнерство и достигнувања. Зад нас имаме значајни достигнувања – од официјалниот почеток на нашите односи во 1995 година, преку нашата Декларација за стратешко партнерство и соработка од 2008, сѐ до нашето колективно дејство да се соочиме со предизвиците на денешнината. Народите на нашите две земји работеле заедно во бизнисот, стоеле рамо до рамо на бојното поле, споделувале култура и знаење преку програмите за размена и изградиле трајни пријателства засновани на доверба и замено почитување – рече амбасадорот Бејли.

Гости на американската амбасада на 239. роденден на САД беа и членовите на македонската екипа која ќе нѐ претставува на претстојните Специјални олимписки игри во Лос Анџелес, а по повод одбележување 25 години од Актот за Американците со попреченост. Со овој закон од 1990 година се обезбедуваат еднакви права за лицата со хендикеп.

Пригодната свеченост беше збогатена и со традиционален огномет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top