| четврток, 6 декември 2018 |

АСЕАН промовираше фонд за помош на бегалците во југоисточна Азија

бегалци

Десетте држави-членки на АСЕАН во Куала Лумпур се договорија да основаат фонд за помош на бегалците во Југоисточна Азија.

Овој фонд, покрај собирање финансиски средства за помош на бегалците, ќе се обиде да влијае и за потрајно решавање на причините за појавата на бегалската криза во овој дел на светот.

Поради трагичните судбини на над 10.000 бегалци од Мјанмар и Бангладеш, проблемот со бегалците беше прогласен за најголема хуманитарна катастрофа во Азија, по завршувањето на Виетнамската војна во 1975 година.

Најави за учество во Фондот со средства и активности дадоа и американскиот Стејт департмент и Агенцијата за бегалци на Обединетите нации.

Десетте држави на АСЕАН како почетен влог во Фондот за бегалци ќе донираат по 100.000 долари. Малезискиот министер за внатрешни работи, Захид Хамиди, кој ја координираше средбата, изјави дека Сингапур најавил уплата на двојно поголема сума и дека се надева оти тоа ќе биде добар пример за другите држави и фондации.

Трговијата со луѓе во регионот на јужна и југоисточна Азија, која е и вносен бизнис за шверцерски мрежи, беше прво разбиена во Тајланд, откако во мај годинава беа откриени масовни гробници на бегалци од Мјанмар и Бангладеш.

Светската јавност беше згрозена кога се открија податоците според кои над 6.500 луѓе по прекинувањето на синџирот на трговија со луѓе, со недели без храна и лекови буквално безнадежно пловеа во водите на Бенгалскиот Залив. По повеќедневната „пинг-понг дипломатија“ меѓу државите од регионот, со префрлање на вината кон други, Малезија и Индонезија се согласија во кампови да ги прифатат бегалците, но само со една година дозвола за престој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top