Министерството за внатрешни работи до Основното Јавно Обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против фудбалерот на Силекс Кратово С.В.(26) поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено давање на подароци“, информира порталот „Курир“.
Се работи за обид за „местење“ на натпреварот меѓу Металург и Силекс од Првата фудбалска лига на Македонија, а кривичната пријава е поднесена против напаѓачот Стојанчо Велинов.
Пријавениот фудбалер на ФК Силекс од Кратово, со цел да се стекне со противправна имотна корист за себе или друг, на четворица соиграчи им понудил, односно ветил подарок во вид на парични средства во износ од по 1.200 евра за секој од нив, со цел на фудбалскиот натпревар кој што требало да го одигра ФК Силекс со ФК Металург на 18.05.2015 година да го завршат со негативен резултат за ФК Силекс. На овој начин пријавениот го сторил кривичното дело „неовластено давање на подароци“ предвидено и казниво по чл.253-а ст.4 од КЗ на РМ.
На 23.05.2015 година МВР е известено за случај на одигран сомнителен фудбалски натпревар помеѓу ФК Силекс со ФК Металург за што од страна на полициските службеници превземени се соодветни мерки и активности за негово докажување.
По ова, селдниот ден на 24.05.2015 година во просториите на ПС Кратово извршени се разговори со четворицата соиграчи на пријавениот и истите дале скоро идентично појаснување околу одиграниот натпревар на ден 18.05.2014 година помеѓу екипите на ФК Металург и ФК Силекс, односно дека пред одигрувањето на натпреварот пријавениот им понудил парични средства во износ од по 1.200 евра за секој од нив, за да одиграат под своите реални можности со цел да го изгубат натпреварот.
Ваквата понуда фудбалерите не ја прифатиле и според нивно кажување одиграле максимално професионално, при што натпреварот завршил со резултат 3-1 во корист на ФК Силекс.
МВР продолжува да постапува по случајот и да работи на утврдување на идентитетот на инволвираните бугарски и наши државјани, како и евентуалната вмешаност и на други лица
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.