Грчкиот премиер Алексис Ципрас во вонредното обраќање до нацијата порача дека референдумот за предложените мерки за штедење сепак ќе се одржи.
-На референдумот нема да гласаме за излез од еврозоната. И натаму сме на преговарачка маса, вели Ципрас, при тоа додавајќи дека „европските кредитори на маса веднаш ставиле подобра понуда штом референдумот беше најавен“.
Грчкиот премиер порача дека ги очекува заклучоците од денешниот состанок на еврогрупата – група што ја сочинуваат министрите за финансии на еврозоната.
-Доколку од нив стигне позитивна порака, веднаш ќе започнеме со склучување на договорот, тврди Ципрас, но во својот говор не изложи детали од новиот план на реформи што го предложи до ’тројката’, а кој денеска се појави во некои европски медиуми.
Но, Ципрас исто така ги повика своите сограѓани на референдумот да гласаат против предложените мерки за штедење. Објасни дека „референдумот е посилен од одлуката на владата“ и со тоа му дава посилна позиција на преговарачката маса.
-Гласот ’против’ не е глас за напуштање на Европа, туку за враќање кон европските вредности, за договор што ќе биде социјално праведен и ќе ги казни оние што ја промовираат корупцијата, рече Ципрас, при тоа додавајќи дека за неговата посветеност на Европа сведочи и фактот дека пред една година се кандидираше за претседател на Европската комисија(ЕК).
-Никогаш не очекував дека демократска Европа нема да ни даде доволно време и простор да го организираме референдумот. Срамно е да ги гледаме овие непријатни сцени затоа што ни ги затворија банките токму затоа што сакавме на луѓето да им го обезбедиме правото да гласаат, рече Ципрас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.