Македонија ќе го организира европскиот Суперкуп меѓу европскиот првак од Лигата на шампионите и најдобриот тим во Лигата на Европа во 2017 година. Тоа е големо признание од УЕФА за македонскиот фудбал, а нашата земја ќе биде прва во регионот што ќе биде домаќин и организатор на ваков спектакл.
Суперкупот се игра во август, а Скопје и Македонија добија шанса со промена на правилата, бидејќи до неодамна двата најдобри состави во европските купови играа само во Монако.
Прага во 2013 година го проби мразот како прв град надвор од малото кнежевство што ја доби довербата, а лани домаќин беше Кардиф.
Барселона, која годинава го освои ЛШ, и Севилја како победник во ЛЕ, во август ќе играат во Тбилиси, Грузија. Следниот Суперкуп ќе се игра во Трондхајм, Норвешка, па на ред е Скопје.
За да биде сѐ во ред, организациски и на полето на инфраструктурата ќе треба да се поправат многу работи, според барањата и строгите правила на УЕФА, но најважно е што организацијата е добиена.
Капацитетот на арената „Филип Втори“ според критериумите на УЕФА ќе биде намален и за тој меч во 2017 година ќе биде нешто под 30 илјади гледачи, а македонските симпатизери на фудбалот ќе имаат можност да купат 40 проценти од билетите. Останатите влезници ќе им бидат на располагање на претставници на УЕФА, на спонзорите и на двете екипи-учеснички во спектаклот наречен Суперкуп на Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.