Грчката влада, наводно, подготвува нов сеопфатен предлог-договор кој наскоро ќе го достави на разгледување до своите партнери, со цел вечерва да се свика состанок на еврогрупата.
Ова денеска го јави телевизијата „Мега“ повикувајќи се на свои извори и додавајќи дека последниот предлог поднесен од страна на претседателот на Европската комисија, Жан- Клод Јункер, е почетна точка, а од премиерот Алексис Ципрас се очекува иницијатива.
Извори во Европската комисија за телевизијата изјавиле дека по предлогот кој бил поднесен синоќа, отворени се сите канали за комуникација со Атина и се прават напори грчката влада да подготви нов предлог.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, Ципрас и денеска телефонски контактирал со Јункер, со претседателот на ЕЦБ, Марио Драги, и со претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц.
Во меѓувреме, поради наводите дека грчката Канцеларија за општо сметководство прави подготовки за премин кон драхмата, грчкиот премиер се соочува со зголемен притисок од членови на партијата и од Владата да го прифати последниот предлог доставен од страна на кредиторите, пишуваат грчките медиуми.
Потпретседателот на Владата, Јанис Драгасакис, кој дејствува како „мост“ меѓу европските институции и Грција, побара од премиерот враќање на преговарачка маса во најкус можен рок со цел земјата да се одржи во живот. Генералниот секретар на Владата, Спирос Сагијас, наводно се подготвува да поднесе оставка од функцијата, особено ако премиерот не го преиспита својот став.
Доколку Ципрас одлучи да ги игнорира повиците за враќање во преговорите, многу веројатно е дека повеќе владини претставници отворено ќе се дистанцираат од официјалната политика на Атина и, најверојатно, ќе следат многу оставки. Во меѓувреме, државниот министер Никос Папас во Парламентот изјави дека референдумот ќе се спроведе според планираното и предупреди дека премиерот нема да го промени својот став.
Министерот за финансии, Јанис Варуфакис, повторувајќи дека Грција нема да го плати долгот кон ММФ, коментираше дека сите предлози за договор се варијации на предлогот поднесен до грчките власти на 25 јуни.
Тој истакна дека иако Грција нема да одбие ништо, потребно е одржливо решение и веродостоен предлог. Варуфакис истакна дека доколку нема одредби со кои грчкиот долг ќе се направи одржлив, ништо нема никаква смисла.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.