| четврток, 6 декември 2018 |

Модни ревии во Дојран за време на летото

dojran-18За подобрување на туристичката сезона, општината Дојран ќе субвенционира модни ревии на свечени фустани и на танга бикини, кои ќе се одржуваат идниот месец. Овие ревии ги барале младите дизајнери и манекенки што живеат во реонот на општината, но и од другите општини, кои сакаат да се промовираат во Дојран за време на летото.

Градоначалникот Борче Стамов вели дека е отворен за соработка со сите што ќе понудат свои проекти, со што ќе се подобри туристичкиот имиџ на Дојран, па оттаму и идејата да го поддржи и овој проект, стои во дневниот билтен на општина Гевгелија.

-Ако може да има танги на Охридското крајбрежје, зошто да нема и во Дојран. Идниот месец по вторпат ќе се организира модна ревија на свечени фустани и на танга бикини, пред сè, од од локални дизајнери и локални модели, но ќе има и од други градови. Јас помагам во сите проекти кои ќе го подигнат интересот и квалитетот на туристичката сезона, а тука спаѓа и разубавувањето на дојранските плажи со убави девојки. Направивме многу проекти за подигнување на квалитетот на летувањето, а секако дека тука спаѓаат и културно-забавните проекти. Во Дојран се враќаат туристите, но нема толку како што некогаш имало, иако, реално, условите за летување во Дојран се многу подобрени. Направен е простор за плажи, веќе се во функција седум плажи, направена е патека за пешачење од 3,5 километри, а наскоро ќе ја продолжиме за уште три километри, подобрени се условите за сместување, а водата во езерото е надојдена на старото ниво и е од прва и втора категорија. Во Дојран не доаѓаат само семејни луѓе со деца туку и млади. Затоа работиме на подобрување на културно-забавниот живот. Годинава централен настан е “Д фестивал” со кампување, кој ќе трае три дена, а на кој ќе учествуваат над 30 познати уметници”, вели градоначалникот Стамов.

Од пред некоја година Дојран стана атракција на познатите ѕвезди, кои за промоција на свој нов проект фотосесиите ги прават крај езерото. Струмичката фолк-ѕвезда Сузана Гавазова е прва која по надоаѓањето на водата во Дојранското Езеро и по реновирање на плажите, за промоција на новиот албум направи танга фотосесија на една од плажите во Дојран. Но тангата во Дојран не е доволна само за фотосесија. Младите во Дојран бараат поддршка за да можат туристите тангата слободно да ја прошетаат и на плажите, а тоа да не биде незгодно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top