Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески, денеска престојува во еднодневна официјална посета на КФОР во кампот „Бондстил“ во Косово, соопшти Министерството за одбрана (МО).
За време на посетата Котески се сретна со командантот на Командата на здружените сили на НАТО во Неапол, адмирал Марк Фергусон и со командантот на КФОР, генерал-мајор Франческо Фиљуоло.
– На средбата се разговараше за безбедносната состојба во регионот, можностите за унапредување на соработката со силите на КФОР, како и размена на информации со АРМ. Котески беше информиран за безбедносната состојба во зоната на одговорност на КФОР, како и за активностите и идните планови. Генералот Котески побара поголемо и поефикасно ангажирање на КФОР на границата помеѓу Македонија и Косово, се наведува во соопштението на Министерството.
Според Министерството за одбрана било разговарано и за понатамошната улога на Координативниот центар за поддршка на земјата-домаќин, кој е во формацискиот состав на АРМ. Негова основна задача е координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување, со што АРМ посредно учествува во мисијата КФОР.
Началникот на ГШ на АРМ се сретна и со командантот на Косовските безбедносни сили, генерал-потполковник Рахман Рама, со кого разговарал за одредени прашања поврзани со соработката и безбедноста во регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.